Connect with us

Регион

Независната управа за јавни приходи на Грција откри шверцувани обувки во вредност од 2,7 милиони евра

Со помош на специјализиран алгоритам за анализа на ризик, инспекторите од Независната управа за јавни приходи на Грција (ААДЕ) откриле дека 970.000 обувки биле продадени без потребните фактури при што компанијата за увоз и големопродажба прикрила приходи од над 2.7 милиони евра, а неплатените даноци надминуваат еден милион евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Од ААДЕ соопштија дека инспекторите откриле значаен случај на шверц и даночно затајување во вредност од неколку милиони евра по извршените контроли во канцелариите и магацините на компанија со дејност големопродажба на багаж, чанти и слични производи, што започнала со работа во 2026 година.

Било утврдено дека компанијата увезувала и продавала големи количества обувки без да ги издава потребните фактури, со што прикривала значителни приходи.

– Од податоците за увозот, набавките, продажбата и резервите, инспекторите утврдиле дека компанијата увезла над 1,2 милиони пара обувки, од нив, 230.000 пара биле продадени со издадена фактура, а останатите 970.000 биле продадени без издавање на потребните фактури. Прикриените приходи надминуваат 2,7 милиони евра, плус 648.000 евра ДДВ. Тоа значи дека неплатените даноци надминуваат еден милион евра, соопштија од ААДЕ.

Дополнително, на атинското пристаниште Пиреас задржани се шест контејнери во сопственост на компанијата.

Жената која фигурирала како управителка на компанијата, која е со кинеско потекло, според ААДЕ е тесно поврзана со друга жена од Кина, која неодамна била предмет на истрага во сличен случај.