Скопје
Во Скопје вечерва ново издание на „Игранка“ – танц и музика за повеќе генерации
Со меѓугенерациска музичка вечер, посветена на танцот и музиката од разни епохи, културно-едукативниот центар „Лабораториум“, вечерва, со почеток во 20 часот, ќе го одржи летното издание на концептот „Игранка“, со кое се одбележуваат две години од неговото почнување.
Настанот е замислен како отворена градска средба без жанровски и генерациски ограничувања со цел да се понуди простор во кој разни генерации може заедно да поминат вечер во дружење. Во контекст на скопскиот ноќен живот, кој најчесто е профилиран според конкретни музички жанрови, овој формат нуди музичка програма што се движи низ разни периоди и стилови.
Музичкиот избор за ова јубилејно издание му е доверен на диџеј-дуото DB Classix (Дарко Марковски и Борис Пауновски), со години активни како диџеи и радиоводители. Преку селекција на плочи тие ќе презентираат евергрини и познати нумери, кои го рефлектираат звукот на некогашните скопски игранки.
Концептот „Игранка“ првпат беше реализиран во август 2024 година и оттогаш се одржува сезонски, четирипати годишно. Во изминатите две години, во рамките на овој проект, во „Лабораториум“ беа организирани ретро вечери посветени на македонски и светски евергрини, музика од 50-тите, 60-тите, 70-тите и 80-тите години, како и танци од типот на твист, чарлстон и валцер.
Летното издание на „Игранка“ ќе се одржи во просториите на КЕЦ „Лабораториум“. Влезот за сите посетители е слободен.
август 21, 2026
