Connect with us

Свет

Судир на полициски хеликоптер и авион во Пенсилванија: Загина пилот, а двајца полицајци се повредени

Пилот загина, а двајца припадници на државната полиција се повредени откако полициски хеликоптер се судри со мал авион за време на обука на аеродром во централна Пенсилванија, соопштија локалните власти.

Несреќата се случила на регионалниот аеродром Карлајл во округот Камберленд, на околу 193 километри западно од Филаделфија.

Двајцата членови на екипажот на хеликоптерот изведувале редовна тренинг-вежба на тревната површина покрај пистата кога двоседот „цесна 150“ го удрил хеликоптерот одзади, откако се движел по пистата и свртел надесно, изјави вршителот на должноста комесар на државната полиција, потполковник Џорџ Бивенс. Хеликоптерот се наоѓал на само неколку стапки над земјата во моментот на ударот.

– Пилотите воопшто не можеле да го видат авионот како им се приближува – изјави Бивенс, опишувајќи го настанот како исклучително силен судир. Тој појасни дека двајцата полициски пилоти првично биле заглавени во хеликоптерот, но еден од нив успеал да го истисне прозорецот и да му помогне на колегата да излезе пред пристигнувањето на итните служби.

Според прелиминарните информации, во авионот „цесна“ се наоѓал само пилотот кој им подлегнал на повредите, иако истрагата за сите околности сè уште е во тек. Федералната управа за воздухопловство (ФАА) и Националниот одбор за безбедност во транспортот (НТСБ) ја води истрагата за несреќата со поддршка од државната полиција на Пенсилванија.

– Собраните информации укажуваат дека последиците можеа да бидат уште потешки. Можеше да биде многу потрагично за нашето семејство во државната полиција, но за среќа тоа не се случи – изјави гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро.