Свет
Романските сили регистрираа пад на дрон во близина на украинската граница
Дрон влегол во романскиот воздушен простор во раните утрински часови и се урнал во ненаселена област во округот Тулча – соопшти романското Министерство за одбрана.
Како што соопшти МНР на Романија, радарскиот систем уште во 2:23 часот по локално време (23:23 часот по Гринич) регистрирал група воздушни цели во близина на границата со Украина. За следење на ситуацијата веднаш биле подигнати два ловечки авиона „Ф-18“ на шпанските воздухопловни и вселенски сили, додека хеликоптер „ИАР-330 СОКАТ“ на романското воено воздухопловство извршил извидувачка мисија од воздух.
Во 3:21 часот, леталото навлегло во романскиот воздушен простор на околу 13 километри источно од Галац. Само три минути подоцна, екипажот на романскиот хеликоптер пријавил дека дронот се урнал на околу четири километри североисточно од селото Гринду, во округот Тулча.
При падот во ненаселената област избувнал пожар кој самиот се изгаснал, соопшти министерството, истакнувајќи дека нема пријавено жртви ниту материјална штета. На местото на настанот е испратена воена екипа за да го обезбеди подрачјето и да ги испита остатоците од леталото. Инцидентот се случува непосредно до романската граница, во услови на интензивни руски воени активности во соседна Украина.
август 21, 2026
