Свет
Санду: Русија намерно испраќа дел од дроновите во воздушниот простор на Молдавија, Романија и Полска
Русија намерно испраќа дел од дроновите што го повредуваат воздушниот простор на Република Молдавија, додека друг дел навлегуваат случајно – изјави молдавската претседателка Маја Санду во интервју за емисијата „На 360 степени“ на Телерадио Молдавија, пренесено од романскиот медиум Диџи24.
Санду истакна дека врз основа на траекториите на летање точно се прави разлика меѓу намерните и случајните упади, но подвлече дека во двата случаи се нарушува воздушниот простор, се загрозува безбедноста на граѓаните и единствен виновник за тоа е Руската Федерација, која ја започна војната во Украина. Според неа, истиот феномен веќе е забележан и во воздушниот простор на Романија и Полска.
– Најважните работи што можат да се направат за да се запрат овие дронови — без разлика дали се во Молдавија, Украина или на кое било друго место — се да ѝ се помогне на Украина и да се гарантира нејзината победа во оваа војна. Секако дека можеме да испраќаме протестни ноти или да протеруваме дипломати, но за жал, тоа не ја менува политиката на Русија – нагласи Санду, оценувајќи дека дипломатските реакции не се доволни без конкретна воена поддршка за Киев.
Претседателката се осврна и на неодамнешното истражување на „Њујорк тајмс“, во кое Молдавија е посочена како втора најважна цел на Кремљ по Украина. Таа оцени дека тоа ги потврдува долгогодишните предупредувања на молдавските институции за плановите на Москва да ја искористи нејзината територија и граница за дестабилизација и напади врз Украина, но и како отскочна даска кон Европската Унија.
Во интервјуто, Санду посочи дека Молдавија во последните години успеала драстично да ја намали и речиси целосно да ја елиминира историската зависност од Русија во трите клучни области: трговијата, паричните дознаки и енергетиката.
Трговската зависност од рускиот пазар е намалена од над 30 отсто во 2010 година на само два до три отсто во моментов, додека приливот на парични дознаки од Русија — кои во периодот од 2012 до 2014 година сочинуваа повеќе од половина од вкупниот обем — денес е сведен на занемарливо ниво.
Во однос на енергетскиот сектор, кој според неа бил најсериозниот инструмент за притисок, Санду подвлече дека земјата повеќе не е подложна на уцени.
– Секогаш кога Кремљ не ги одобруваше одлуките во Кишињев, ги прекинуваше испораките на природен гас и ја оставаше земјата во темница. Денес Русија повеќе ги нема тие лостови и не може да нè уценува – заклучи молдавската претседателка.
август 19, 2026
