Connect with us

Свет

Трамп нареди намалување на воените вежби со Јужна Кореја: Ги нарече скапи и го пофали односот со Ким Џонг-ун

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе го намали обемот на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја за одвраќање на Северна Кореја, и покрај предупредувањата на воени претставници од двете земји дека режимот на Ким Џонг-ун учи нови тактики на војување од војната во Украина.

Трамп истакна дека „не е задоволен“ од американското учество во маневрите, повикувајќи се на својот „многу добар однос“ со севернокорејскиот лидер, но додаде дека е предоцна вежбите да бидат целосно откажани, поради што му наредил на министерот за одбрана Пит Хегсет значително да ги намали.

Вежбата „Улчи фридом шилд“  (Ulchi Freedom Shield – UFS), една од двете големи годишни воени вежби на Јужна Кореја и САД, почна денеска и треба да трае до 27 август. Во неа е предвидено учество на околу 18.000 јужнокорејски војници, заедно со американските сили и персонал од 11 од обкупно 18 членки на Командата на Обединетите нации (УНЦ) – мултинационално тело кое го надгледува примирјето од 1953 година со кое завршија непријателствата во Корејската војна.

Трамп посочи дека вежбите се скапи и дека „испраќаат сигнал кој е целосно несоодветен и непријателски“ кон земја која, како што рече, за време на неговиот прв претседателски мандат била „неопасна и полна со почит“. Покрај тоа, американскиот претседател изјави и дека Јужна Кореја одбила да помогне во „денуклеаризацијата на Исламската Република Иран“.

Во саботата, Трамп на социјалната мрежа „Трут соушл“ објави и стара фотографија на која позира со Ким Џонг-ун, повторувајќи ги тврдењата дека двајцата „одлично се согласуваат“, што поттикна шпекулации за нов можен самит меѓу двајцата лидери. Ова не е првпат Трамп да прекинува или намалува големи воени вежби со Сеул – по првиот нивни самит во 2018 година беше откажана вежбата „Улчи фридом гардијан“, по што маневрите подоцна беа реорганизирани под други имиња.

Во меѓувреме, експертите во регионот даваат различни оценки за потегот на Вашингтон. Чонг Сонг-чан, потпретседател на Институтот „Сеџонг“ во Сеул, изјави дека Трамп би можел да оди и чекор понатаму и без консултации со Сеул целосно да ги прекине вежбите или да го намали американскиот контингент во Јужна Кореја. Според него, Сеул треба постепено да ја намалува зависноста од Вашингтон и да започне развој на сопствено нуклеарно одвраќање – идеја која има широка поддршка кај јужнокорејската јавност, иако Владата и меѓународната заедница се противат.

Од друга страна, Лајф-Ерик Исли, професор по меѓународни студии на Универзитетот „Ива“ во Сеул, предупреди дека намалувањето на обемот на вежбите „би го забавило процесот на преземање поголема одговорност од страна на Јужна Кореја за сопствената одбрана и би го ослабнало одвраќањето од можни конфликти во Азија“, додавајќи дека финансиските заштеди се маргинални, а дипломатските придобивки кон Пјонгјанг неизвесни. Лим Ул-чул, експерт за Северна Кореја од Универзитетот „Кјунгнам“, исто така оцени дека малку е веројатно оти оваа најава ќе има влијание врз Пјонгјанг, бидејќи Северна Кореја ќе го смета потегот за значаен само доколку вежбите бидат целосно откажани.