Connect with us

Архива

„Астра Зенека“ го прекинува клиничкото испитување на лек за рак на белите дробови

Шведско-британскиот фармацевтски гигант „Астра Зенека“ соопшти за нов неуспех прекинувајќи го клиничкото испитување во доцна фаза на лекот за рак на белите дробови „волрустомиг“ нешто повеќе од еден месец по прекинувањето друго испитување за лек за срцеви заболувања. Компанијата од индексот ФТСЕ 100 објави дека „волрустомиг“, во комбинација со хемотерапија, веројатно нема да ја зголеми стапката на преживување кај пациентите со рак на белите дробови во споредба со другите постојни третмани.

Одлуката за запирање на испитувањето во трета фаза следува по препорака на Независниот комитет за следење на податоците по планираниот преглед на податоците од испитувањето. Ова е нов удар за компанијата со седиште во Кембриџ откога на „Астра Зенека“ во јули ѝ беа избришани милијарди од пазарната вредност по одлуката да го прекине испитувањето на новиот лек за срцеви заболувања, наречен „вајнуа“.

Сузан Галбрајт, извршен потпретседател за истражување и развој во онкологијата во „Астра Зенека“, изјави дека одлуката за прекин на испитувањето е разочарувачка.

– Иако сме разочарани, ќе извлечеме поуки од ова испитување и решени сме да продолжиме да развиваме нови лекови од нашата водечка палета во обид да ги подобриме резултатите кај пациентите со рак на белите дробови – рече таа.

Ракот на белите дробови е водечка причина за смрт од рак во светот, со удел од речиси една четвртина, односно 23 проценти од сите смртни случаи предизвикани од оваа болест.

Од „Астра Зенека“ соопштија дека сепак ќе продолжат со испитувањата на „волрустомиг“ за лекување други видови рак, меѓу кои рак на грлото на матката, сквамозен карцином на главата и вратот и мезотелиом.

Покрај тоа, фармакогигантот денека објави и позитивни резултати во областа на онкологијата соопштувајќи дека нејзиниот друг лек „енхерту“ покажал „статистички значително и клинички значајно подобрување на преживувањето, без прогресија“ кај пациенти со немикроклеточен рак на белите дробови и поради ова, испитувањето продолжува во трета фаза.

За овој успех Галбрајт истакна: „Овој агресивен рак на белите дробови често ги погодува помладите пациенти и историски имаше ограничени можности за таргетиран третман од прва линија, што ги прави овие позитивни резултати важен чекор напред во обезбедувањето дополнителни ефикасни терапии за пациентите кај кои болеста е метастазирана, кога постои најголема можност за подобрување на исходот“.

И покрај прекинот на првото испитување, акциите на „Астра Зенека“ утрово пораснаа за два отсто во раното тргување.