Connect with us

Свет

Шпански „ловец“ Ф-18 собори дрон што го наруши воздушниот простор на Романија

Шпански ловец Ф-18, кој учествува во мисија на НАТО за воздушно патролирање, утрово собори дрон што го наруши воздушниот простор на Романија – соопшти романското Министерство за одбрана.

Ова е четвртиот беспилотен летачки апарат соборен над Романија од почетокот на годината.

Романските радари го регистрираа дронот како влегува во воздушниот простор на земјата од соседна Молдавија, на околу 24 километри северно од југоисточниот романски град Галац. Министерството за одбрана не го прецизираше потеклото на беспилотниот летачки апарат.

Шпанскиот Ф-18 „воспоставил радарски контакт со целта и добил дозвола да ја нападне“, се наведува во соопштението на Министерството.

„Дронот беше безбедно соборен во 05:01 часот“, се додава во соопштението.

Според првичните информации, остатоците од дронот паднале во ненаселена област меѓу две села.

Романија, којашто е членка на НАТО, има копнена граница со Украина во должина од 614 километри. По почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, романскиот воздушен простор повеќепати беше нарушуван од руски дронови. Во Црното Море, исто така, беа откриени пловечки мини во близина на важни трговски и енергетски рути.

Во јули, романски пилоти со ловци Ф-16 соборија три руски дрона што влегоа во воздушниот простор на земјата. Тоа беа првите случаи во кои Романија уништи такви летала по десетици нарушувања во текот на повеќе од четиригодишната војна во соседна Украина.

Претходно годинава, руски дрон се урна во станбена зграда во Галац за време на ноќен напад врз Украина, при што беа повредени две лица.