Connect with us

Свет

Десетици илјади танцуваа на техно-парадата во Берлин со засилено обезбедување по нападот на „Берлин Прајд“

Десетици илјади луѓе учествуваа на техно-парадата „Рејв д’ Планет“ (Rave the Planet) во Берлин, на температури до 35 степени Целзиусови и со засилени безбедносни мерки, три недели по исламистичкиот напад на периферијата од парадата „Прајд“ во германската престолнина, јави ДПА.

Учесниците одржаа минута молк во спомен на жртвите од нападот од 25 јули. „Рејв д’ Планет“, кој годинава се одржува под мотото „Замисли љубов“ („Imagine Love“), е првиот голем настан во центарот на Берлин по нападот.

Трасата на парадата минува низ паркот „Тиргартен“, меѓу Бранденбуршката порта и Победничкиот столб, во близина на местото на нападот. На 25 јули исламистички напаѓач со комбе влетал во толпата, а потоа, според истрагата, напаѓал луѓе со мачета. Една жена беше убиена, а најмалку 31 лице беа повредени, од кои некои потешко.

При отворањето на денешната парада, коосновачот на организацијата „Рејв д’ Планет“, д-р Моте, чие вистинско име е Матијас Ренг, ги повика учесниците да ја зачуваат љубовта во своите срца.

– Тогаш можеби од тоа ќе се роди светски мир. Ајде оваа визија да ја претвориме во реалност -рече тој.

Претставничката на здружението „Берлин Прајд“ (Berlin Pride), Јулија Миосга, исто така им се обрати на учесниците.
„Да бидеме храбри. Да заземеме став. Сега повеќе од кога било“, порача таа.

Полицијата во текот на попладнето процени дека на настанот присуствувале десетици илјади луѓе, додека организаторите очекуваа до 300.000 учесници.

Околу 1.500 полицајци беа ангажирани за обезбедување на настанот, а берлинските сили добија поддршка од покраините Бранденбург и Саксонија-Анхалт. Беа користени хеликоптер и дронови, а полицајци патролираа пеш и на коњи во „Тиргартен“. Патиштата и пешачките патеки долж трасата беа затворени, а некои метро-станици во близина на парадата не работеа.

Началничката на берлинската полиција, Барбара Словик-Мајзел, пред почетокот на настанот за локалното радио изјави дека безбедносните сили можат да обезбедат „многу високо ниво на заштита“, но предупреди дека апсолутна безбедност не е можна.

– Не можеме да поставиме луѓе или персонал на секоја бариера. Нема апсолутна заштита – истакна таа.

Покрај безбедноста, високите температури претставуваа сериозен предизвик. Полицијата користеше воден топ за создавање разладувачка водена магла, а долж трасата беше обезбедена бесплатна вода за пиење.

Берлинската противпожарна служба дополнително мобилизираше околу 200 луѓе покрај вообичаените 600 службеници на дежурство, при што повеќето од дополнителниот персонал беа доброволци. Организаторите обезбедија пет пункта за прва помош.

И покрај големиот број учесници, настанот помина со релативно малку инциденти, соопшти полицијата. Регистрирани се одделни случаи на измами, навреди, физички напади и прекршувања на законодавството за наркотични средства. До крајот на манифестацијата 39 лица биле привремено приведени.

Паралелно со „Рејв д’ Планет“, во Берлин се одржа и контрадемонстрацијата „Факпараде“ (Fuckparade), насочена против „комерцијализацијата и истиснувањето на субкултурите“. Според полицијата, во неа учествувале околу 1.200 луѓе.