Connect with us

Свет

Холандија: Двајца загинаа во сообраќаен хаос поради протестот на фармерите во Северен Брабант

Две лица загинаа, а неколкумина се повредени утрово во тешка сообраќајна несреќа на автопатот А59 во близина на селото Хеш, во јужната холандска покраина Северен Брабант. Несреќата се случила на крајот од колона возила предизвикана од протест на земјоделци кои со трактори го блокираа сообраќајот, изјави за телевизијата РТЛ Њуз портпарол на Кралскиот туристички сојуз.

Во верижниот судир учествувале четири автомобили. Медицинските екипи им укажаа помош на повредените на самото место, додека полицијата ги истражува сите околности под кои дошло до несреќата. Поради прекинот, сообраќајот се пренасочува преку два други алтернативни автопати.

Сообраќајниот хаос и долгата колона беа предизвикани од земјоделци со трактори кои се упатиле кон градот Ден Бош за да протестираат пред зградата на покраинската влада на Северен Брабант против владината политика за намалување на азотот.

Покраинскиот совет на Брабант денеска одржува вонредна седница поради намерата на властите да им бидат одземени дозволите на пет одгледувачи на живина. Нивните фарми се наоѓаат во непосредна близина на заштитено природно подрачје и, според властите, испуштаат прекумерни количества азот.

Земјоделските организации повикаа на масовен протест, истакнувајќи дека веќе издадена и важечка дозвола не смее законски да биде одземена, додека погодените одгледувачи стравуваат дека оваа одлука директно ќе значи затворање и крај на нивните фарми.

Иако според холандските закони тракторите официјално не смеат да се движат по автопатиштата бидејќи се бавни возила, полицијата и обвинителството уште вчера соопштија дека нема да ги блокираат и сопираат колоните, за да не им го ограничат уставното право на демонстрации.