Свет
Австриското Министерство за одбрана бара информации за 21 наводен руски агент
Австриското Министерство за одбрана испрати предупредување до сите припадници на вооружените сили со повик итно да ја известат воената контраразузнавачка служба доколку стапиле во контакт со некој од 21 руски дипломат осомничен за шпионажа и врски со разузнавачките служби на Москва, објави весникот „Кронен цајтунг“.
„Ако познавате едно или повеќе од овие лица или тие стапиле во контакт со вас, ве молиме да ја известите Службата за воено контраразузнавање преку единицата за пријавување шпионажа“, се наведува во известувањето испратено до австриските војници.
Наводните агенти се акредитирани во руската амбасада во Виена, како и во претставништвата на Москва при ОБСЕ, Организацијата на Обединетите Нации (ОН) и други меѓународни организации. Повеќето од нив се осомничени за директни врски со руското воено разузнавање (ГРУ), а останатите со Службата за надворешно разузнавање (СВР) и Федералната служба за безбедност (ФСБ). Постои сериозно стравување дека тие намерно барале контакти со австриски војници за да дојдат до доверливи информации.
Имињата и фотографиите на осомничените лица се преземени од јавно достапната база на податоци „РуПЕП“ (RuPEP.org), а претходно беа објавени и од германскиот весник „Билд“. Според изворите на „Кронен цајтунг“, австриските разузнавачки служби проценуваат дека овие податоци се целосно веродостојни.
Министерството за одбрана за австриската новинска агенција АПА потврди дека армијата редовно испраќа вакви известувања за да ја подигне будноста кај воениот персонал поради ризикот од директни шпионажни активности.
„Постои стравување дека може да дојде до шпионажа и до директен контакт со припадници на вооружените сили“, изјави министерката за одбрана Клаудија Танер за австриското радио, додавајќи дека руските разузнавачки служби непречено настојуваат да ги дестабилизираат другите држави и да ги шират пропагандните пораки на Москва.
август 15, 2026
