Свет
Смени во украинската армија, нов командант е генерал-мајорот Михајло Драпати
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, го именуваше 43-годишниот генерал-мајор Михајло Драпати за нов врховен командант на украинската армија, заменувајќи го Олександр Сирски, што претставува најголема промена во военото раководство на Украина од почетокот на војната.
Драпати го наследува 60-годишниот Сирски, кој беше на чело на украинските вооружени сили од почетокот на 2024 година и имаше значајна улога во одбраната на Киев во првите денови од руската воена интервенција.
Именувањето на новиот командант следува по повеќедневни протести предизвикани од промените во Владата, меѓу кои и смената на реформски ориентираниот министер за одбрана Михајло Федоров, кој функцијата ја извршуваше шест месеци. Демонстрантите, меѓу другото, бараа и заминување на Сирски.
Претставувајќи го новиот командант, Зеленски изјави дека операциите на украинските одбранбени сили мора да продолжат стабилно и најави дека со целосна прецизност ќе биде спроведена програмата за напади со среден дострел и притисок врз Русија.
Сирски се соочуваше со критики од делови на војската поради, како што наведуваа неговите критичари, ригиден стил на командување и големи загуби на бојното поле. Неговата смена отвори прашања за подлабоки поделби во украинското воено раководство.
Драпати преку својот профил на Фејсбук порача дека новата должност ќе ја извршува одговорно, со целосна посветеност и почит кон луѓето кои ја бранат Украина.
Федоров, чие враќање на функцијата министер за одбрана беше едно од главните барања на демонстрантите, го поздрави именувањето на Драпати, нарекувајќи го „здив на свеж воздух и нов извор на надеж“.
Зеленски изјави дека на Федоров му понудил нова функција поврзана со технолошкиот развој на државата, но поранешниот министер претходно посочи дека прифаќа единствено враќање на својата претходна позиција.
јули 22, 2026


