Connect with us

Вести

Условна казна затвор од една година за поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата во предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, изрекувајќи ѝ единствена условна казна затвор од една година за кривичните дела одавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Судот ја прогласи Димитровска за виновна за одавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете кривични дела изречена е една единствена казна затвор во времетраење од една година, која претставува алтернативна мерка – условна осуда и нема да се изврши доколку обвинетата во рок од две години по правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело.

Во истиот предмет судот го прогласи за виновен ревизорот Миле Столевски за кривичното дело компјутерски фалсификат. Нему му е изречена алтернативна мерка условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.

Во образложението на пресудата судечкиот совет наведе дека секое одавање службена тајна ги парализира антикорупциските напори и му дава предност на осомниченото лице пред органите на прогонот.

Според утврдените докази, Димитровска во текот на 2024 година, во соизвршителство со неовластено лице, преку апликациите „Вибер“ и „Вацап“ одала податоци за текот на постапувањето по повеќе предмети во ДКСК. Податоците биле испраќани на телефонски број што го користел обвинетиот Небојша Стојановиќ, со цел проверка на имот на поврзано лице, со што се влијаело врз постапките на Комисијата.

Дополнително, судот утврди дека Димитровска свесно го заобиколила безбедносниот систем за добивање сертификат за пристап до класифицирани информации со степен „Државна тајна“. Таа преку „Вибер“ испратила логови за пристап по што Столевски од IP-адреса во Скопје го полагал тестот во нејзино име помагајќи ѝ на тој начин лесно да се стекне со безбедносниот сертификат.

При одредувањето на казната судот како отежнителна околност ги зеде предвид општествената опасност и фактот дека делото е сторено од позиција на претседател на ДКСК, што директно ја компромитира довербата во институциите. Како олеснителни околности беа земени предвид тоа што обвинетите не биле претходно осудувани, нивното коректно однесување пред судот, како и нивните семејни состојби.

Трошоците за постапката паѓаат на товар на обвинетите, а нивните мобилни телефони се одземаат во корист на државата.

Третообвинетата Билјана Петровска-Мантева, раководител на Секторот за финансиски и комерцијални работи во АД ЕСМ – подружница РЕК „Битола“, е ослободена од обвинението бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторила делото. Обвинението ја товареше дека на Стојановиќ му испраќала извештаи и копии од договори додека тој бил на годишен одмор.

Сепак, судот оцени дека формалното користење годишен одмор претставува само институционално мирување на работните обврски, но не му го одзема својството на службено лице поради што тој не може да се третира како неовластено лице.

Странките имаат право на жалба на пресудата до Апелацискиот суд во рок од осум дена.

Јавната обвинителка Наташа Поп Трајкова, по објавувањето на пресудата, изјави дека Обвинителството е задоволно од осудителниот дел оценувајќи дека теоријата на случајот и презентираните докази биле успешни.

– Во однос на видот и висината на казната определена од страна на судот во однос на овие двајца обвинети, Обвинителството ќе го почека писмениот отправок на пресудата, во кој подетално ќе бидат наведени олеснителните и отежителните околности. Веднаш потоа ќе донесе одлука дали ќе поднесе жалба во однос на видот и висината на казната. Во однос на ослободителниот дел, Обвинителството не е задоволно. Во тој дел Обвинителството секако дека ќе поднесе жалба бидејќи не се согласува со ставот на судот со донесената пресуда. Обвинителството смета дека апсолутно со презентираните докази докажа надвор од разумно сомневање дека обвинетата Билјана Петровска-Мантева го сторила кривичното дело одавање службена тајна – изјави Поп Трајкова.

Обвинителката нагласи дека Стојановиќ сепак претставувал неповикано лице бидејќи податоците ги барал за сопствени цели и барал копиите да му бидат доставени во домот, а не за службени потреби на институцијата.

Во однос на изречените условни казни, Поп Трајкова одговори дека очекувала ефективна казна во рамките на законските граници посочувајќи дека конечниот став за жалба ќе биде донесен по хиерархиско реферирање на предметот до јавниот обвинител Фатхи Азизи.

Од друга страна, одбраната на поранешната претседателка на ДКСК смета дека пресудата е донесена под притисок на јавноста и најави дека правдата ќе ја бара пред повисокиот суд. Адвокатот Владимир Туфегџиќ нагласи дека не е остварено законското битие на кривичните дела.

– Иако многумина сметаат дека казната, алтернативна мерка во овој случај, е успех во оваа постапка, имајќи ја предвид позицијата на обвинетата и својството, јас сметам дека е донесена под притисок на јавноста. Така што, се надевам дека аргументите на одбраната внимателно ќе ги разгледа Апелацискиот суд и ќе донесе правилна и законска – изјави Туфегџиќ.

Ad
Ad