Вести
Мицкоски: Ги прифаќаме сите барања на СДСМ и Левица за Изборниот законик, освен електронското гласање на дијаспората
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за разговорите за Изборниот законик, рече дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќаат предлозите на СДСМ и на Левица, освен електронското гласање за дијаспората. Ги демантира написите дека планира да се кандидира за претседател во 2029 година.
– Прво, немам намера да се кандидирам во 2029 година за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет. Второ, кога зборувам за прифаќање на нивните предлози, сè што ќе предложат, ќе им прифатиме, освен гласањето на дијаспората и, трето, мораме сите заеднички, бидејќи сите го правевме, да се потпишеме како поднесок на истиот тој закон – изјави Мицкоски.
Потсети дека Левица учествуваше во целиот процес на договарање на овој закон и дека работната група прифатила сè што побарале. Мицкоски рече дека Левицата ја интересираат само пари.
– Всушност, нивниот главен фокус беше на финансирањето на кампањата. Сè што побараа им беше прифатено. Усогласено беше со сите со кои преговараа. Впрочем, има и записници. Сега ние не можеме да зборуваме едно зад завеса, а друго да правиме пред неа. Каде настана проблемот? Кога политичката партија рече ние нема да се потпишеме. Вие потпишете се. Ние нема да правиме филибастеринг, вие слободно гласајте го и така да помине. Со тоа каква порака испраќаат? Ние го добивме она што сакаме. Работевме цело време најлицемерно, сега откажуваме за да се прикажеме пред оние што нè поддржуваат дека, еве, ние сме тврдокорните, „робиспјерови“ некои следбеници или не знам што, а во суштина како мачиња сè си прифатија за време на дебатата. Тоа е таа лицемерна политика што континуирано оваа политичка партија ја води. И еве да им олеснам, бидејќи гледам дека во јавноста шпекулираат со тоа дека јас сум предложил дијаспората да биде вклучена во гласањето, што е природно, на електронски начин од следните претседателски избори во 2029 година, па јас ќе сум се кандидирал, па затоа тоа сум го предложил. Нема да се кандидирам – рече Мицкоски.
Потенцира дека кога ќе му заврши мандатот претседател на Владата, ќе се врати на факултет меѓу студентите.
Мицкоски потсети дека поранешниот премиер Зоран Заев рекол дека ја финансирал Левицата за да работи против ВМРО-ДПМНЕ и дека „едно прават пред завеса, друго зад неа“.
– Вие се сеќавате кога излезе Зоран Заев и кога рече видете, дечки, јас ви помагав, ви обезбедував ресурси за да работите против ВМРО-ДПМНЕ и се договоривме потоа да коалираме. Лично тоа им го кажав. Тоа значи дека едно прават зад завеса, а друго пред неа. Доста е со тоа лицемерство, доста е со лажни конструкции на чесност или не знам што, кога во суштина само пари ги интересира. И тоа треба да го знаат граѓаните – рече Мицкоски.
За барањата на СДСМ, рече дека ќе ги прифатат, освен тоа за дијаспората.
– Ние многу јасно кажавме, освен делот со дијаспората, кажете – сè што треба, ќе прифатиме. Немаме проблем, затоа што ние цениме дека нашата дијаспора треба да си го оствари своето право по електронски пат. Да речеме во Австралија, треба некој да патува десет часа со авион за да го оствари своето гласачко право и тоа не е коректно. Зборувам за оние што се на Избирачкиот список и оние што поседуваат македонски пасоши. Сè друго што ќе кажат, така ќе прифатиме – рече Мицкоски.
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе го прифатат и барањето за една изборна единица, но предупреди дека „не можеме таа една изборна единица да ја оставиме по природен пат да си тече“. – За да покажете дека сте сериозни мора да има одреден цензус, кој вие морате да го постигнете за да влезете во парламентот. Ова не е шведска маса, па што ни чини – да си прифаќаме, што не ни чини – да си оставаме на масата. Тоа така не функционира. Мора да сме одговорни и зрели луѓе затоа што граѓаните од нас очекуваат одговорност и зрелост, а не политикантство и детски манири да покажуваме, а се обидуваме да бидеме сериозни политичари – рече Мицкоски.
Ако не се постигне договор меѓу партиите од власта и СДСМ и Левицата, премиерот рече дека ќе имаме стар Изборен законик и најави дека денеска продолжуваат разговорите на координаторите во Собранието.
јули 1, 2026

