Connect with us

Вести

Мицкоски: Ги добив предлозите на „Вреди“ и ЗНАМ за новите министри и тие се сосема во ред, очекувам поуспешна работа на новиот владин состав

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека веќе ги добил предлозите на „Вреди“ и ЗНАМ за новите министри во реконструираната Влада, дека за него тие предлози се сосема во ред и дека очекува поуспешна работа на новиот владин состав. 

– Да, ги имам предлозите и за новите министри од „Вреди“ и од партијата ЗНАМ, но ќе оставам тие да ги кажат, да не ги кажувам јас. За мене, тие предлози се сосема во ред и очекувам да имаме уште поуспешна работа во новиот состав на Владата – истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Кисела Вода, каде што изврши увид во градежните активности на проектите од унгарскиот кредит – отворање на каналот и пешачката патека на Мала Рада и изградба на потпорни ѕидови и реконструкција на коритото.

Премиерот нагласи дека „Вреди“ во новата реконструирана Влада ќе ги добие министерските позиции во министерствата за правда, за односи меѓу заедниците и за култура и туризам.

Според објавите во медиумите, од редовите на „Вреди“ за министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Министерството за односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати, а за нов министер за правда е предложен професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари, кој ќе го наследи Игор Филков.

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, вчера, по одржаната седница на Извршниот одбор на партијата, на прес-конференција соопшти дека со владината реконструкција неговата партија го добива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ќе биде раководено од досегашниот државен секретар во Министерството и потпретседател на партијата, Борче Серафимовски. Тој изјави дека во септември ЗНАМ ќе добие плус уште едно заменик-министерско место во, како што рече, влијателно министерство. Димитриевски информира и дека Горан Минчев останува да го раководи Министерството за јавна администрација и упати благодарност до министерот за правда Игор Филков за досегашниот професионален интегритет и посветеност.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, вчера, по седницата на Извршниот комитет на партијата, го соопшти предлог-составот на неговиот нов кабинет. Мицкоски соопшти дека нов министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување, а на негово место ќе дојде Златко Перински, кој сега е на функцијата министер за локална самоуправа. Предлог за нов министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, досегашен заменик-министер во истото министерство. Ова се два нови ресори со кои во иднина ќе раководат кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоиљковиќ. Министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, ќе биде Ерџан Демир, дипломиран економист, кој до сега е претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ во општина Шуто Оризари. Нема да има вицепремиер за добро владеење и тој ресор ќе биде под ингеренции на Кабинетот на премиерот. 

Владиното мнозинство ќе се зголеми за еден пратеник од Демократската партија на Турците, која ќе стане дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за што е постигната согласност. Партијата ќе добие министер без портфолио.

Од ВМРО-ДПМНЕ во Владата остануваат министерката за образование и наука Весна Јаневска, Панче Тошковски за внатрешни работи, Владо Мисајловски за одбрана, Борко Ристовски за спорт, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и министер за дигитална трансформација останува Стефан Андоновски.  

Предлогот за нов реконструиран состав на Владата се очекува до петок да биде испратен до Собранието, а најдоцна до средината на јули да биде избран новиот владин состав.

Ad
Ad