Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Владата неуморно работи, над 2000 проекти се реализирани во неполни две години
За неполни две години, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализираше бројни проекти и политики што придонесуваат за економски раст, инфраструктурен развој и подобар животен стандард.
Економските показатели покажуваат раст на БДП од над 3% во 7 последователни квартали. Отворени се 17.000 нови работни места, стапката на невработеност е намалена од 12,5% на 11,3%, а стапката на вработеност е зголемена од 45,6% на 46,5%. Оперативниот план за 2026 година, тежи 40 милиони евра, а 32 милиони од нив се насочени токму за вработување, што ја изразува посветеноста на Владата за намалување на невработеноста.
Македонија денес е меѓу петте најбрзорастечки економии во Европа според растот на БДП, а странските директни инвестиции достигнаа рекордни 1,255 милијарди евра.
Зголемени се платите во здравството, образованието, полицијата и одбраната, како и пензиите. Воедно, просечната нето-плата за две години е зголемена за 19,6%.
Во инфраструктурата се реализира инвестициски циклус вреден 10 милијарди евра во следните 10 години. Активно се работи на шест нови автопатски решенија, со цел нивно завршување до крајот на 2027 година. По 12 години изградба, автопатот Кичево–Охрид напредува со забрзана динамика, при што делницата Извор–Врбјани ќе биде пуштена во употреба до есенва, а ќе следува и делницата Врбјани–Ботун. Се подготвува и проектот Букојчани–Кичево вреден 220 милиони евра, а следната година започнува изградбата на делницата Блаце–Скопје вредна над 215 милиони евра. Во тек се и проекти за експресните патишта Радовиш–Струмица, Кочани–Виница–Делчево и Романовце–Страцин, додека автопатот Прилеп–Битола треба да биде завршен до септември 2027 година.
Неделава, по четири децении чекање, беше пуштена во употреба новата болница во Струмица инвестиција во вредност од 280 милиони денари.
Во образованието, за првпат по подолг период учебниците се обезбедуваат навреме за секое дете, за разлика од времето кога СДС беше власт. Буџетот за високото образование е зголемен од помалку од 3 милијарди денари во 2022 година, за време на СДС, за сега да биде на 8 милијарди денари во 2026 година. Буџетот за наука е зголемен од 380 милиони денари во 2024 година на 773 милиони денари во 2026 година.
За студентите беа доделени 55.000 ваучери од по 250 евра за електронски уреди и секој еден студент имаше право на апликација за електронски уред, обезбедени се грантови од 10.000 евра за започнување сопствен бизнис и за млади земјоделци, проширен е опфатот на субвенционираниот студентски оброк и се реконструираат студентските домови. Со Оперативниот план од 2025 година, и мерката за самовработување се отворија над 2200 правни субјекти, што покажува дека мерката е успешно реализирана, а истото ќе продолжи и во 2026 година.
Во земјоделството, за 2 години се исплатени околу 15 милијарди денари субвенции, што е за една милијарда денари повеќе отколку што претходната влада исплатила за 3 години.
Владата активно работи и на дигиталната трансформација на државата. Со усвојувањето на Стратегијата СМАРТ МК 2030 се поставија темелите за модерна, дигитална и иновативна Македонија преку развој на ИКТ инфраструктурата, дигиталните вештини, електронските услуги и поддршката за иновации и вештачка интелигенција.
Дополнително, со усогласувањето на домашното законодавство со европските директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, Македонија е подготвена за следната фаза од приклучувањето кон европскиот роаминг простор, што ќе овозможи услугата „Роаминг како дома“, да биде достапна и за македонските граѓани во земјите од Европската Унија, по цени исти како домашните.
За речиси две години се реализирани над 2.000 проекти, мерки, инвестиции и програми, со јасна цел, економски развој, модерна инфраструктура и подобар животен стандард за граѓаните.
јуни 21, 2026


