Connect with us

Регион

Европската комисија предупредува на слабости во примената на вештачката интелигенција во Бугарија

Европската комисија денеска го претстави извештајот за состојбата на дигитализацијата во Европската Унија, кој содржи оценки и препораки за земјите членки. Податоците покажуваат дека 98,6 отсто од Европејците имаат покриеност со мобилни мрежи од петтата генерација (5Г), додека 60 отсто поседуваат најмалку основни дигитални вештини.

За Бугарија во извештајот се наведува дека земјата располага со добра телекомуникациска мрежа и дека дигиталните јавни услуги постепено се подобруваат. Сепак, остануваат значителни разлики во дигиталните вештини на населението, дигитализацијата на помалите компании и примената на современите технологии, јави БТА.

Според Европската комисија, Бугарија има широко покривање со оптичка инфраструктура, расте користењето на мобилниот интернет, а се зголемуваат и инвестициите во електронската управа и електронското здравство.

Вкупните резултати на земјата во дигиталната трансформација, сепак, се ограничени од трајни структурни слабости, меѓу кои се недоволните дигитални вештини и слабата примена на облачните услуги (клауд), вештачката интелигенција и анализата на податоци.

Комисијата оценува дека дел од утврдените недостатоци можат да влијаат врз способноста на Бугарија да ги искористи придобивките од пошироката дигитална трансформација на економијата и на општеството, како и да ја зголеми својата конкурентност. Посебно се посочуваат слабата поврзаност меѓу образованието и бизнисот, како и тешкотиите во финансирањето на научноистражувачката дејност.

Во извештајот се наведува дека Бугарија учествува во европските иницијативи за полупроводници и квантни технологии, додека ИКТ-секторот е динамичен и обезбедува добра основа за иновации.

Меѓу препораките до Софија се подобрување на дигиталните вештини, поголема понуда на образование во областа на информатичките и комуникациските технологии, зајакнување на врските меѓу образованието, науката и индустријата, поголема дигитализација на малите компании, подобрување на кибербезбедноста и на интероперабилноста на информациските системи во јавните услуги.

Комисијата препорачува и поширока употреба на дигиталниот идентитет, унапредување на електронското правосудство, проширување на пристапот до електронски здравствени услуги и зголемување на безбедноста на подводната кабелска инфраструктура.

ЕК денеска објави и истражување на Евробарометар, според кое 73 отсто од Европејците сметаат дека дигитализацијата им го олеснува секојдневниот живот, а повеќе од половина очекуваат во следната деценија таа да придонесе за подобро здравство и за заштита на животната средина.

Меѓу 80 и 90 отсто од испитаниците очекуваат Европската Унија да ги заштити личните податоци на интернет, да ја подобри достапноста на дигиталните услуги и да им помогне на граѓаните да стекнат основни дигитални вештини.

Секој петти Европеец изјавил дека користи вештачка интелигенција секојдневно или најмалку еднаш неделно, а околу 70 отсто навеле дека сè почесто прибегнуваат кон алатки базирани на вештачка интелигенција.

Над 90 отсто од анкетираните очекуваат ЕУ да обезбеди поголема заштита на децата на интернет, додека повеќе од 80 отсто сметаат дека лажните вести се закана за демократијата и очекуваат Унијата да помогне во справувањето со тој предизвик.

Ad
Ad