Connect with us

Регион

Ерик Вендт ја доби поддршката од Комитетот за надворешни односи за амбасадор на САД во Албанија

Комитетот за надворешни односи на Сенатот на САД со 19 гласа „за“ и 3 „против“ го одобрил назначувањето на Ерик Вендт за вонреден и ополномоштен амбасадор на САД во Република Албанија.

– Вендт, кој е висок воен старешина, за нов амбасадор во Албанија во април го предложи претседателот Трамп, а по ова одобрување од Комитетот, конечната потврда од Сенатот е само формалност. Тој ќе ја преземе дипломатската функција во период кој е од големо значење за односите меѓу САД и Албанија, особено во областите на безбедноста, инвестициите и евро-атлантската соработка – објавија албанските медиуми.

Во своето излагање Вендт нагласил дека главните приоритети на неговиот мандат во Тирана ќе бидат борбата против корупцијата и организираниот криминал, зајакнувањето на военото партнерство меѓу двете земји, поддршката на кибербезбедноста и создавањето поповолна клима за американски инвестиции во Албанија.

Во американската армија бил од 1986 година. Од 1991 година тој е дел од специјалните сили „Зелени беретки“ градејќи силен профил како офицер за специјални операции. Во ноември 2017 година тој ја презеде функцијата координатор за безбедност на САД за Израел и палестинската самоуправа играјќи клучна улога во координирањето на безбедносните прашања во регионот.

Зборува арапски и корејски јазик и е одликуван со голем број меѓународни и воени одликувања. Дипломирал на Универзитетот во Калифорнија, Санта Барбара, и завршил постдипломски студии по национална безбедност на поморската постдипломска школа.

Тој доаѓа на местото на амбасадорката Јури Ким, која ја напушти Албанија на почетокот на 2023 година. Пред две години номинацијата на дипломатот Дејвид Џ. Костеланчик за функцијата амбасадор на САД во Албанија не успеа откога неколку републикански сенатори гласаа против. Моментно вршител на должноста американски амбасадор во Тирана е Ненси ван Хорн. 

Ad
Ad