Регион
Анкета: Шест од десет Грци бараат политичка промена, седум од десет сметаат дека земјата оди во погрешна насока
Речиси седум од десет анкетирани сметаат дека Грција оди во погрешна насока, 61 отсто одговориле дека на земјата ѝ е потребна политичка промена, а поделено е мислењето во однос на тоа дали треба да се распишат предвремени избори – покажува истражувањето на јавното мислење спроведено од Metron Analysis за грчката телевизија „Мега“ – јави дописничката на МИА од Атина.
Најголеми проблеми за граѓаните се високите цени (47 отсто) и економијата (33 проценти), 69 отсто смета дека земјата оди во погрешна насока, на лично ниво половина од анкетираните одговориле дека нивната лична состојба е полоша во споредба со една година претходно, а само 16 отсто сметаат дека е подобра.
Анкетата покажува дека иако 61 отсто сметаат дека е потребна политичка промена, граѓаните се поделени во однос на предвремените избори, со 49 проценти, кои сметаат дека актуелната влада треба да го исцрпи четиригодишниот мандат и изборите да се одржат в година, а 48 отсто бараат предвремени избори.
Мнозинството од испитаниците негативно ја оценуваат работата и на владата и на грчкиот премиер, но и на главната опозициска партија ПАСОК.
Во однос на меѓународните случувања, речиси осум од десет анкетирани (78 отсто) сметаат дека нападот на САД и Израел врз Иран не е оправдан.
На политичката сцена, во истражувањето вклучени се и новите партии ЕЛАС на поранешниот премиер Алексис Ципрас и Надеж за демократија на поранешната претседателка на Здружението на семејствата на загинатите во железничката несреќа кај Темпи, Марија Каристијану, кои се на втората и четвртата позиција.
Владејачката Нова демократија останува на првата позиција со 22,7 проценти, ЕЛАС има рејтинг од 12,1 отсто, ПАСОК паѓа на третата позиција со 9 проценти, а потоа следуваат Надеж за демократија, левичарската Курс на слобода, десничарската Грчко решение и Комунистичката партија со приближно 5 отсто.
На прашањето кој е најсоодветен за премиер на Грција, Мицотакис добива 28 проценти, Ципрас 14 отсто, а 27 проценти го избрале одговорот „никој“ од понудените лидери на политичките партии.
Во истражувањето на јавното спроведено на Metron Analysis за грчката телевизија „Мега“ биле вклучени 1.300 лица.
јуни 5, 2026


