Connect with us

Регион

СПАК започнува истраги за „Зврнец“, за измените околу заштитениот статус на подрачјето и промените во сопственоста

Албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК) започна истрага за проектот за луксузно одморалиште на островот Сазан во Јадранското Море и заштитеното крајбрежно подрачје Вјоса-Нарта, поврзано со компанијата на зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

-Истрагата главно е поврзана со постапките околу контроверзните промени во заштитениот статус на подрачјето и промените во сопственоста на тоа земјиште во 2024 година. Во рамки на истрагите се спроведени контроли и преземени се активности за запленување на документација поврзана со административните постапки и релевантното донесување одлуки, објавија медиумите.

Како одговор на интересот на медиумите за ова прашање, од СПАК потврдиле дека истрагите се во тек, без да дадат дополнителни детали.

-Како одговор на вашето прашање, тоа е под истрага и немаме коментари, соопштила прес-службата на СПАК.

Проектот го вклучува ненаселениот остров Сазан, поранешна воена база, и неколку стотици хектари од заштитената крајбрежна област Вјоса-Нарта, богат со фламинга, фоки и место за гнездење на морски желки.

Со измените донесени во 2024 година, само со гласовите на владејачкото мнозинство, заштитените зони во Албанија биле отворени за развој на туристички комплекси со пет ѕвезди, но дел од познавачите на состојбите тврдат дека законската измена била направена специјално за проектот поврзан со Кушнер.

Проектот, за кој инвеститорот ветува дека ќе се одвива по строго законски процедури, тврдејќи дека истиот ќе создаде повеќе од 10.000 работни места. Вредноста според медиуми се проценува на околу четири милијарди долари (3,43 милијарди евра), опфаќа приближно 250 хектари во рамките на мочуришниот и лагунскиот екосистем Нарта–Звернец.

Кушнер, кој раководи со „Афинити партнерс“, во август 2024 година откри планови да ја претвори локацијата во Албанија во луксузен ресорт со околу 10.000 соби. На почетокот на годинава, тој ја посети областа со сопругата Иванка.

Во меѓувреме протестите на граѓански организации, поддржани од голем број граѓани, продолжуваат, со барање за стопирање на проектот и оставка од премиерот. Во изминатите два дена протести одржани се во Тирана, пред зградата на МВР и пред влада, претходно во Зврнец, каде имаше насилно однесување на приватното обезбедување на земјиштето оградено со бодликава жица.

Премиерот Рама изјави дека земјиштето е во приватна сопственост и оти не е нарушено заштитеното подрачје.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1