Connect with us

Свет

Бројот загинати во ноќешните руски напади врз украински градови достигна десет, стотици повредени

Бројот загинати во ноќешните руски напади со ракети и дронови врз украински градови се искачи на десет, а билансот на повредените надмина стотина лица, соопштија украинските власти.

Најинтензивни и најобемни напади биле нападите врз цели во областите на Киев и на Днипро, при што во главниот град загинале најмалку четири лица, а повеќе се водат како исчезнати и можно затрупани под урнатини.

Во Киев, детонации се слушале во текот на целата ноќ, а жителите побарале засолниште во станиците на градското метро. Во повеќе од осум градски реони се регистрирани штети на станбени згради и друга инфраструктура. Во реонот Подол делумно се разрушени горните катови на деветкатница, додека 24-катен објект бил тешко оштетен и делумно урнат по директен или индиректен погодок. Пожари избувнале на повеќе локации, вклучително и во близина на детска градинка.

Очевидци опишуваат апокалиптични сцени со силни експлозии, густ чад и разрушени возила, додека спасувачките екипи продолжуваат со потрага по преживеани под урнатините.

Во Днипро и околината загинале шест лица, а 36 се повредени, соопштија локалните власти. Во Харков исто така се пријавени повредени, меѓу кои и едно дете.

Русија претходно соопшти дека планира „системски удари“ врз цели во Киев како одговор на нападот со дрон во Луганската област во кој, според Москва, загинале 21 лице. Украина ги отфрли таквите тврдења.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 148 украински беспилотни летала, а противвоздушната одбрана дејствувала и над Севастопол.

Во меѓувреме, во рускиот Краснодарски крај напад со дронови предизвикал пожар во нафтена рафинерија, додека во Белгородската област 11-годишно дете било повредено во напад врз станбен објект.

Воениот конфликт продолжува повеќе од четири години, по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, додека дипломатските напори за негово окончување и натаму се во застој. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 1