Свет
Романија побара од НАТО засилена воздушна одбрана откако руски дрон удри во зграда во градот Галаци
Романија денеска побара дополнителни ресурси за воздушната одбрана откако руски дрон во текот на ноќта се урна врз висока станбена зграда во источниот град Галаци, јавува ДПА.
Романското Министерство за надворешни работи соопшти дека го информирало генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за инцидентот и побарало забрзан трансфер на технологија за борба против дронови во Романија.
Романија ќе одговори на „сериозното кршење на меѓународното право и на нејзиниот воздушен простор преку дипломатски мерки“, се наведува во соопштението на романското МНР објавено на Фејсбук.
„Руската Федерација сноси директна одговорност за оваа тешка и неодговорна акција“, се додава во него.
Нападот со дрон во текот на ноќта предизвика пожар на 10-тиот кат од станбен блок во Галаци, соопшти Министерството за внатрешни работи. Две лица се здобија со полесни повреди и им е пружена медицинска помош на местото на настанот, пренесува германската агенција.
Специјализиран истражен тим фокусиран на експлозивни инциденти беше испратен на местото на настанот во текот на ноќта.
Галаци се наоѓа на реката Дунав во источна Романија, само неколку километри од границите со Молдавија и Украина.
Инцидентот се случува во услови на секојдневни руски напади со дронови врз Украина. Во неколку наврати, беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на земјите-членки на НАТО што граничат со Украина. И украинските беспилотни летала и ракети повремено преминуваат и во воздушниот простор на соседните земји.
мај 29, 2026


