Connect with us

Свет

Багај: Иран ќе одговори на нападите, согласно правото на самоодбрана

Министерството за надворешни работи на Иран денеска ги осуди синоќешните американски напади и го обвини Вашингтон за поткопување на примирјето.

Портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багај истакна дека Иран е одлучен да одговори на нападите во согласност со своето право на самоодбрана.

Американската армија вторпат во три дена напаѓа цели во Иран, како што тврди, во самоодбрана. На 25 мај во „самоодбрана“ беа нападнати цели во јужен Иран, а мета беа иранските ракетни полигони и бродови. Додека синоќа беше нападнат иранскиот пристаништен град Бандар Абас, а Иран возврати со напад врз американска база во Кувајт.

Американската централна команда (ЦЕНТКОМ) соопшти дека соборени се и четири ирански дронови, што претставувале закана околу Ормуска Теснина.

Иранската државна телевизија (ИРИБ) јави дека Револуционерната гарда (ИРГЦ) како одмазда за нападот врз Бандар Абас ја таргетирала американската база во Кувајт. И армијата на Кувајт потврди дека пресретнала ракети и дронови.

Иранските медиуми објавија дека ИРГЦ пукала и врз американски танкер и го принудила да се врати.

Багај ја критикуваше и изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе го уништи Оман, ако земјата „се однесува непристојно“.

– Оман ќе се однесува како и сите други. Или ќе мора да ги дигнеме во воздух. Тие го знаат тоа, изјави вчера Трамп коментирајќи ги медиумските извештаи дека Иран и Оман се во преговори за заедничко регулирање на Ормуска Теснина.

Багај наведе дека Оман има „конструктивна, ефикасна и одговорна улога за мирот и безбедноста во регионот“.

– Заканите за насилство се опасен знак за нормализација на беззаконието и политиката на моќ, посочи Багај.

Ad
Ad