Свет
Голем број членки на ЕУ се противат на намалувањето на средствата за кохезија и земјоделство
Група од 16 земји на Европската Унија објави заедничка изјава во која се бара во следниот повеќегодишен буџет на ЕУ да не се намалуваат средствата што членките ќе ги добијат за кохезионата и за заедничката земјоделска политика.
Во документот, кој е составен на иницијатива на Романија, земјите потписнички истакнаа дека фондовите за регионална политика, земјоделство и рибарство, според предлогот за буџет на Европската комисија, се единствените што се соочуваат со реално намалување, иако буџетот за седумгодишниот период од 2028 до 2034 година ќе биде поголем од сегашниот.
Земјите потписнички побараа во нацрт-буџетот да се предвиди поголема вкупна алокација на средства од буџетот за земјите членки на ЕУ, кои парите потоа самите би ги намениле за земјоделство, регионална политика или евентуално за други приоритети, пренесоа агенциите.
Изјавата, освен Романија, ја потпишаа и Бугарија, Чешка, Хрватска, Естонија, Грција, Италија, Литванија, Летонија, Малта, Полска, Португалија, Словенија, Словачка, Шпанија и Унгарија.
Станува збор за земји кои, поради степенот на развој, добиваат повеќе пари од буџетот на ЕУ отколку што уплаќаат во него.
Во декларацијата се истакнува дека програмите за кохезија, односно вложувањата во намалување на регионалните разлики во развојот меѓу членките на ЕУ, како и заедничката земјоделска политика (ЗЗП), значително придонесуваат за целите на Унијата и се највидливи за граѓаните.
„Следната Повеќегодишна финансиска рамка мора и понатаму да осигура доволно средства за политиките кои произлегуваат од обврските од Договорот, како што се кохезионата политика, заедничката земјоделска политика и заедничката политика за рибарство, кои играат клучна улога во осигурувањето на регионалната конвергенција, економскиот раст и безбедноста на храната“, пишува во изјавата.
Земјите потписнички на изјавата воедно се противат на сè почестата појава новите приоритети и решавањето на вонредните ситуации да се финансираат со пренасочување на средствата од фондот за кохезија. Во изјавата се нагласува дека е потребно буџетот да одговори и на новите предизвици, како што се безбедноста, енергетиката и економската конкурентност.
Медиумите пишуваат дека барањето на 16-те земји на ЕУ уследи откако најбогатите членки, кои воедно и најмногу придонесуваат во касата на ЕУ, изразија намера дел од средствата од фондовите за кохезија да се пренасочат во дигитализација, одбрана и конкурентност.
Тие таканаречени штедливи држави, меѓу кои се Германија, Франција, Австрија, Шведска, Данска и Холандија, се противат на зголемување на буџетот и на какво било ново задолжување.
Земјите од групата „пријатели на кохезијата“ се залагаат за репрограмирање и пофлексибилна отплата на долговите поврзани со фондот „Следна генерација ЕУ“ (NextGenerationEU), како и за евентуално ново задолжување на Унијата на пазарот на капитал преку издавање заеднички обврзници на ЕУ.
Италијанскиот портал EUnews.it проценува дека заедничката изјава на 16-те држави на ЕУ е еден вид израз на недоверба кон Европската комисија
мај 28, 2026
