Connect with us

Свет

Поранешниот француски премиер Атал објави кандидатура за претседателските избори во 2027 година

Поранешниот француски премиер Габриел Атал денеска објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во 2027 година, пренесе ДПА.

Атал (37) изјави дека одлучил да ја побара претседателската функција бидејќи „длабоко ја сака“ Франција и францускиот народ. Тој ја објави својата одлука по настан во малото гратче Мур де Барез во јужна Франција.

Атал беше премиер од јануари до септември 2024 година, со што стана најмладиот и првиот јавно деклариран геј шеф на влада во историјата на Франција. Тој сега е лидер на пратеничката група и генерален секретар на партијата „Ренесанса“ (Renaissance) на претседателот Емануел Макрон.

Атал во јавноста во голема мера се смета за помлада верзија на Макрон, иако тој сè повеќе се дистанцираше од претседателот и отворено критикуваше дел од одлуките на својот ментор.

Објавувајќи ја својата кандидатура, Атал го критикуваше она што го опиша како неуморен песимизам насочен кон француската јавност. Тој рече дека на Французите „наутро, напладне и навечер“ им се зборува дека сè ќе стане полошо. „Можеме да живееме подобро – под услов да си ги обезбедиме средствата за тоа“, изјави Атал.

Атал не е единствениот поранешен премиер од десноцентристичкиот блок кој се обидува да го наследи Макрон. Поранешниот премиер Едуар Филип (55), кој беше првиот премиер на Макрон во 2017 година, исто така ја објави својата кандидатура и се позиционира како умерена центристичка фигура.

Макрон нема право повторно да се кандидира на изборите следната година поради уставните ограничувања на мандатот.

Анкетите за јавното мислење покажуваат најсилна поддршка за десничарската лидерка Марин Ле Пен и нејзиниот политички штитеник Жордан Бардела. Сепак, останува нејасно дали Ле Пен ќе може да се кандидира поради тековниот судски процес за наводна злоупотреба на фондови на ЕУ.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1