Свет
Арктичките сојузници се договорија за зајакнување на безбедноста и економскиот развој на Арктикот
Препознавајќи ги безбедносните предизвици и економските можности на Арктикот и Крајниот Север, арктичките сојузници се состанаа за да разговараат за напорите за изградба на безбеден и просперитетен регион, се наведува во заедничкото соопштение на групата земји во која се Канада, Кралството Данска, вклучувајќи ги Гренланд и Фарските Острови, Финска, Исланд, Норвешка, Шведска и САД.
„Арктикот брзо станува сфера од сè поголемо геополитичко и стратешко значење. Со зголемената воена активност на Русија и растечкиот стратешки интерес на Кина, стремиме да ја зајакнеме стабилноста во арктичкиот регион“, се вели во соопштението што го објави Стејт департментот.
Како што се додава, арктичките сојузници го засилуваат военото присуство, капацитетите за надзор и заедничката обука на Арктикот и Крајниот Север.
„Тоа го правиме на координиран и избалансиран начин. Го поддржуваме засиленото присуство на НАТО во регионот преку активности како што се Арктичката стража, воздушното патролирање на Исланд и присуството на финските копнени сили, како и континуираното зајакнување на Командата на здружените сили во Норфолк, новата Централна оперативна команда (CAOC) во Норвешка и актуелната модернизација на Северноамериканската команда за воздушно-космичка одбрана (НОРАД / NORAD)“, наведено е во соопштението.
Земјите од арктичкиот регион исто така се договорија да го продлабочат дијалогот за безбедносните предизвици на Арктикот и Крајниот Север.
„Со отворањето на новите можности и појавата на новите предизвици, блиската соработка во областа на арктичката безбедност и економскиот развој меѓу нашите земји е поважна од кога било, бидејќи Европа и Канада преземаат поголема одговорност за одвраќање и одбрана ширум регионот“, наведоа овие земји.
Арктичките сојузници истовремено истакнаа дека го препознаваат значењето на развојот на економијата и ресурсите на Арктикот, како и дека на експертите од овој регион им е доверено поблиску да се координираат за овие прашања, вклучувајќи ја безбедноста на истражувањата, проверката на инвестициите и модернизацијата и заштитата на критичната инфраструктура.
мај 23, 2026
