Connect with us

Општини

Кочани доби нов простор за поддршка, разговор и ментално здравје

Во просториите на  ЈЗУ Општа болница Кочани, ХЕРА денеска го отвори вториот MM Центар за поддршка и советување на момчиња и мажи, простор посветен на поддршка, доверба и грижа за менталното здравје на момчињата и мажите како и другите засегнати во заедницата.

По првиот ММ Центар што ХЕРА го отвори во мај 2024 година до денеска дадени  се над 950 сесии од психолози и психотерапевти на 135 момчиња и мажи. Центарот во Кочани претставува продолжување на моделот кој веќе покажа дека ваквите услуги им се навистина потребни на мажите и момчињата,  сметаат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување. 

Новиот ММ Центар во Кочани е создаден со идеја да покаже дека никој не треба сам да се справува со стресот, притисокот, стравовите или тешките животни ситуации. Наместо молчење и затворање во себе, овој простор нуди разговор, разбирање и професионална поддршка, истакна Елизабета Божиноска, програмска директорка во ХЕРА.


ММ Центарот во Кочани има цел да создаде безбедно место каде момчињата и мажите ќе можат да разговараат, да добијат поддршка и да научат како подобро да се справуваат со емоциите, конфликтите и секојдневниот притисок. На тој начин, поддршката за менталното здравје станува и важен дел од создавањето побезбедни семејства и заедници без насилство.

На отворањето присуствуваа претставници од институциите, локалната самоуправа, здравствениот сектор и партнерските организации, кои ја нагласија важноста од навремена поддршка, разговор и заедничка грижа за менталното здравје на младите и заедницата.


Аташето во Австриското Министерство за труд, социјални работи, здравство и заштита на потрошувачите, Харалд Бреза-Фугер, нагласи дека Директивата на ЕУ 2024/1385 за борба против насилството врз жените и семејното насилство поставува јасна насока што Македонија треба да ја следи. Според него, нејзината важност е во тоа што не се ограничува само на казнување, туку опфаќа превенција, заштита на жртвите, пристап до правда, поддршка и координација меѓу институциите.

Тој посочи дека, во рамките на австрискиот Закон за заштита од насилство, полицијата има обврска да ги информира регионалните центри за заштита од насилство при издавање забрани за приближување и контакт. Минатата година, полицијата издала околу 14.600 налози за заштита, а овие информации биле доставени до регионалните центри за заштита од насилство.

Бреза-Фугер нагласи дека, и покрај воспоставените механизми, во Австрија сѐ уште има премногу фемициди, што покажува дека системот е далеку од совршен. Тој изрази надеж дека пилотирањето на советувалиштето за мажи во Кочани ќе придонесе кон намалување на родово базираното и семејното насилство. Бреза-Фугер им се заблагодари на вклучените невладини организации од Австрија и Македонија за нивниот голем ангажман и им посака многу успех во понатамошната имплементација на проектот.

-Соработката со ХЕРА започна пред една година и со особено задоволство продолжува преку потпишувањето на меморандумот за соработка и отворањето на Центарот за поддршка и советување на момчиња и мажи во Кочани. Во изминатиот период, нашите вработени добија значајна обука и континуирана поддршка заедно со тимот на ХЕРА, што придонесе за зајакнување на капацитетите за работа во областа на менталното здравје и психосоцијалната поддршка. Веруваме дека овој Центар ќе биде важен и безбеден простор каде граѓаните ќе можат навремено да добијат стручна помош, поддршка и разбирање- истакна д-р Дарко Иванов, началник на невропсихијатриско одделение при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Кочани

Со отворањето на овој Центар, Кочани добива нов простор на доверба, поддршка и солидарност – место кое испраќа силна порака дека грижата за менталното здравје е важна за сите и дека барањето помош е чин на сила, а не на слабост.

Во рамки на понатамошното ширење на оваа иницијатива, ХЕРА до крајот на годината планира отворање на нов Центар за советување и поддршка на момчиња и мажи и во Шуто Оризари, со цел услугите да станат подостапни и за поголем број на граѓани. Истовремено, преку соработката со партнерите од Албанија, моделот ќе започне да се развива и таму, како дел од поширок регионален пристап за поддршка на менталното здравје и превенција на насилството, најави од ХЕРА денеска од Кочани.

Отворањето на Центарот во Кочани е дел од регионалниот проект „Трансформирање на родовите норми: Спречување на родово базирано насилство преку ангажман на младите во Албанија и Северна Македонија“, финансиски поддржан од Австриското сојузно министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1