Свет
Велика Британија го повика израелскиот амбасадор поради објавеното видео од Бен-Гвир
Велика Британија денеска соопшти дека го повикала израелскиот вршител на должноста амбасадор поради видеото објавено од израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир во кое тој им се потсмева на приведените активистите од флотилата што пловеше кон Појасот Газа.
„Таквото однесување ги крши најосновните стандарди на почит кон луѓето и нивното достоинство“, се наведува во соопштението на британското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението се посочува и дека Лондон е многу загрижен поради условите во притворот и бара објаснување од израелските власти.
„Јасно ставивме до знаење дека тие имаат должност да ги заштитат правата на сите вмешани луѓе“, се истакнува во соопштението на британското МНР.
Според извештаите, израелски полицајци ги натерале активистите да клекнат на земја со рацете врзани зад грб, во присуство на ултрадесничарскиот министер Бен-Гвир.
Објавувањето на видео-снимката од страна на Бен-Гвир предизвика критики и од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Тој изјави дека иако Израел има право да ги спречува, како што рече, „провокативните флотили на поддржувачите на Хамас“, начинот на кој биле третирани активистите „не е во согласност со вредностите и нормите на Израел“.
мај 21, 2026
