Connect with us

Свет

Амнести интернешнал: Бројот на смртни казни во светот е највисок од 1981 година

Бројот на егзекуции ширум светот го достигна највисокото ниво што организацијата „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) го забележала од 1981 година, откако во 2025 година биле погубени 2.707 лица во 17 земји, објави оваа организација за човекови права во својот најнов годишен извештај за смртната казна.

„Овој алармантен пораст на посегнувањето по смртната казна е последица на мала, изолирана група држави кои се подготвени да извршат погубувања по секоја цена, и покрај континуираниот светски тренд кон укинување на смртната казна“, изјави шефицата на Амнести, Ањес Каламар, во соопштението објавено денеска.

Каламар ги посочи Кина, Иран, Северна Кореја, Саудиска Арабија, Јемен, Кувајт, Сингапур и Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека оваа мала група држави ја користи смртната казна како оружје за да всади страв и да го елиминира несогласувањето. Особено се истакнува Иран, каде што се погубени најмалку 2.159 луѓе, што е повеќе од двојно во споредба со 2024 година. Во извештајот се напоменува дека Кина останува „водечки светски џелат“ со илјадници извршени погубувања.

Останатите истакнати земји се Саудиска Арабија со најмалку 356 погубувања, главно за кривични дела поврзани со дрога, САД со 47 и Египет со 23 егзекуции. Во 2025 година, погубувањата пораснале за 78 отсто во споредба со 2024 година, кога биле забележани најмалку 1.518 егзекуции. Пристапот на казнување во „војната против дрогата“ доведе до проширување на оваа практика, па така 46 отсто од сите познати погубувања се извршени токму за такви дела.

Сепак, Амнести бележи и напредок во глобалното укинување на смртната казна. Кога организацијата ја започна својата кампања во 1977 година, само 16 земји ја имаа укинато оваа казна, додека денес тој број е зголемен на 113 држави

Маркетинг
Ad 1
Ad 1