Свет
Зеленски на самитот Б9: Украинската одбрана е главно средство за одвраќање на Русија
Нашата одбрана е главното средство за одвраќање на Русија и во овој поглед сметаме на заем од 90 милијарди евра од ЕУ – изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на самитот „Букурешка деветка“ (Б9) во Букурешт.
Тој додаде дека задачата на Украина е да обезбеди никогаш повеќе Русија да не може да поставува ултиматуми, да доминира над своите соседи или да почнува војни без последици.
– Веќе направивме многу за да ја запреме војната и да обезбедиме дека таа никогаш нема да им донесе победа и оти никогаш агресорите нема да останат неказнети – наведе Зеленски.
Претседателот на Романија, Никушор Дан, наведе дека „безбедноста на Украина е важна за безбедноста на Романија, за безбедноста на НАТО“. Тој упати апел за континуирана поддршка за Украина.
Форматот Б9, или „Букурешка деветка“, е создаден на иницијатива на претседателите на Романија и Полска во ноември 2015 година, која ги обединува земјите од источното крило на НАТО.
Единаесеттиот самит Б9 се одржува во претседателската палата Котрочени во Букурешт, а учествуваат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателите на Естонија, Летонија, Литванија, Чешка, Словачка, Финска, Данска и високи претставници на САД, Шведска, Норвешка, Исланд и Унгарија.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Дан, состанокот се одржува под императив за зголемен придонес кон трансатлантската безбедност, што ја одразува колективната посветеност на сојузниците на источното и северното крило да придонесат уште позначајно кон трансатлантската безбедност.
мај 14, 2026
