Свет
Марин Ле Пен потврди дека планира да се кандидира на претседателските избори во Франција
Шефицата на пратеничката група на ултрадесничарската партија „Национален собир“ во француското собрание, Марин Ле Пен, потврди дека планира да се кандидира на претстојните претседателски избори, пренесоа денеска француските медиуми.
– Секако дека планирам да бидам кандидат на претседателските избори. Реков дека нема да бидам кандидат само ако правосудниот систем ме спречи во тоа – рече Ле Пен во интервју за РТЛ, додавајќи дека ќе биде кандидатка на својата партија дури и ако добие условна казна.
Апелацискиот суд во Париз на 7 јули треба да ја донесе пресудата во жалбената постапка за случајот со асистентите на пратениците во Европскиот парламент од редовите на Национален собир. Јавниот обвинител побара за Ле Пен петгодишна забрана за извршување јавна функција, четиригодишна затворска казна (три години условно), можност за служење на неусловниот дел во куќен притвор со електронска алка и парична казна од 100.000 евра.
Судот ја прогласи Марин Ле Пен за виновна за воспоставување „коруптивен систем“ во периодот меѓу 2004 и 2016 година и проневера на средства што Европскиот парламент им ги исплаќал на своите пратеници за исплати на нивните асистенти за време на извршувањето на должностите во Брисел и Стразбур.
мај 14, 2026
