Свет
Маск, Кук и Хуанг ги оценија разговорите во Пекинг како „многу добри“
Повеќе водечки американски бизнисмени, кои допатуваа во посета на Пекинг заедно со претседателот на САД Доналд Трамп, ги оценија состаноците одржани на маргините на самитот САД-Кина како „многу добри“ и продуктивни.
Меѓу извршните директори кои беа видени како ја напуштаат Големата сала на народот беа извршниот директор на компаниите „Tesla“ и „SpaceX“, Илон Маск, извршниот директор на „Apple“, Тим Кук, и директорот на „Nvidia“, Џенсен Хуанг.
На новинарско прашање како поминале состаноците, Маск одговори: „Прекрасно“, додавајќи дека се постигнати „многу добри работи“. Кук на новинарите им го покажа знакот за мир и подигна палец нагоре, додека Хуанг изјави дека „состаноците поминале добро“.
– Господинот Шји и претседателот Трамп беа неверојатни – рече Хуанг додека американските директори се симнуваа по скалите кон автобусот што ги чекаше.
По двочасовната билатерална средба со Трамп, Шји се сретна и со американските бизнисмени, јави Би-Би-Си.
Тој рече дека вратата на Кина само пошироко ќе се отвора за американските бизниси, додавајќи дека американските фирми ќе имаат пошироки перспективи во земјата.
Шји исто така рече дека американските компании биле длабоко вклучени во растот на Кина, што било од корист за двете страни, додавајќи дека Пекинг ги поздравува САД да ја зајакнат реципрочната соработка, според Синхуа.
мај 14, 2026
