Свет
Расмунсен повикува на создавање нов демократски сојуз во услови на неизвесност од лидерството на Трамп
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, повика на создавање нов сојуз на демократски нации способни да им се спротивстават на САД доколку е потребно, наведувајќи дека претседателот Доналд Трамп се чини дека ја повлекува земјата од нејзината традиционална глобална лидерска улога, јави ДПА.
„Уште од детството, им се восхитувам на САД и ги сметам за природен лидер на слободниот свет“, изјави Расмусен за „Democracy News Alliance“, заедничка служба на водечките меѓународни новински агенции, пред денешниот Самит за демократија во Копенхаген.
„Но, се чини дека претседателот Трамп се повлече од таа улога. Значи, ни треба нов лидер на слободниот свет“, рече Расмусен.
Расмусен (73) рече дека предложениот сојуз би можел да ги вклучи Европската Унија, Обединетото Кралство, Јапонија, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, и би можел да се нарече „D7“, при што „D“ значи демократија, пренесе ДПА.
„Ако дејствуваме заедно, ако ги здружиме силите, дејствуваме колективно, тогаш претставуваме импозантна сила“, рече Расмусен, кој беше шеф на НАТО од 2009 до 2014 година и дански премиер од 2001 до 2009 година.
Тој предложи „економски член 5“ моделиран според клаузулата за заемна одбрана на НАТО, според која економскиот напад врз една членка би се третирал како напад врз сите, со цел спротивставување на економската принуда од земји како Кина и потенцијално САД.
Расмусен, исто така, повика на поблиска соработка во врска со технолошките стандарди, за намалена зависност од критични суровини и за зголемување на инвестициите во Глобалниот Југ како алтернатива на кинеското финансирање.
Тој рече дека заканите меѓу сојузниците се „неприфатливи“, осврнувајќи се на спорот меѓу Вашингтон и Копенхаген околу Гренланд, кој е под данска администрација, и ја опиша непредвидливоста на администрацијата на Трамп како негова најголема загриженост, пренесе ДПА.
мај 12, 2026
