Connect with us

Хроника

Три Неготинки цел на измама, им биле барани по 20.000 евра

Три Тиквешанки биле цел на измама во рок од неколку дена, потврдуваат за МИА од Секторот за внатрешни работи – Велес. Од полицијата апелираат на внимателност. Во два од случаите на повозрасни неготинки им биле барани по 20 илјади евра за наводна операција по скршеница на внука, ќерка. Во третиот случај кавадарчанка била измамена за сума од речиси 3 илјади евра при договарање за почнување заеднички бизнис, што не се реализирало.

– На 10 февруари во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 72-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како директор на болницата во Велес и ѝ кажало дека нејзината внука се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра, а во позадина се слушал женски глас како плаче, за кој ѝ кажало дека е нејзината снаа. Откако пријавителката заедно со нејзиниот сопруг пристигнале во болницата во Велес и не го пронашле лицето што ѝ се јавило, се упатиле на хируршкото одделение и прашале за нивната внука, а од страна на персоналот им било кажано дека нема таков пациент, по што сфатиле дека се работи за измама, појаснија од СВР – Велес.

Истовремено, во 15:30 часот, во ОВР – Неготино, 77-годишна неготинка пријавила дека непознато лице ѝ се јавило на телефон, ѝ се претставило како лекар од Велес и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со скршеница и дека за операцијата е потребно да донесе 20.000 евра. Пријавителката се качила во такси, а по разговор со возачот се јавиле кај нејзиниот зет и сфатиле дека се работи за измама.

– На 13 февруари во 11:50 часот во ОВР – Кавадарци, 28-годишна кавадарчанка пријавила дека била измамена од едно женско лице од Кавадарци за сума од 180.000 денари. Според пријавеното, лицето ѝ предложило да започнат сопствен бизнис, за што парите ги дала лично на рака, но, договореното не било реализирано, додадоа од СВР – Велес.

Оттаму истакнаа дека се преземаат мерки за расчистување на настаните.

Притоа нагласија дека полицијата реализирала превентивни активности за спречување на измами.

– Полициски службеници од Отсек за превенција при СВР – Велес, од ОВР – Неготино и ОВР – Кавадарци, спроведоа превентивни активности за заштита од измами, со цел граѓаните да се информираат и едуцираат за опасностите од телефонските измами, како истите да ги препознаат и да не дозволат да бидат жртви на овој вид измами. Апелираме до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати личности и сите сомнителни случаи да ги пријават во полициска станица, информираат од Секторот за внатрешни работи – Велес.

Во изјава за МИА, една од измамените неготинки, го сподели моментот кога добила повик дека нејзината малолетна внука од син доживеала тешка несреќа и итно мора да биде оперирана. Лицето кое се претставило како директор на болницата во Велес, убедливо ѝ кажало дека состојбата е сериозна и дека се потребни 20.000 евра за да се спаси ногата на девојчето и да не остане инвалид. За измамата да звучи уште поверодостојно, на телефон била пуштена жена која плачела, а на пензионерката ѝ било кажано дека е тоа нејзината снаа, која е во болницата заедно со другата малолетна внука. Со тоа, како што истакна, самата дополнително била доведена во состојба на паника и страв. Таа нагласи дека парите не биле предадени, но, шокот, стресот и траумата останале. Притоа сподели дека измамниците се исклучително итри.

– Сметам дека тие располагаат со лични информации, знаат имиња на роднини, ги следат жртвите и звучат убедливо. Токму затоа ваквите измами предизвикуваат паника, особено кај повозрасните лица, рече оваа пензионерка.

Таа исто како и полицијата, апелираше на внимателност, како превенција од измами. Да не се подлегнува на паника и да не се носат одлуки под притисок. Секој сомнителен повик, да се пријави во најблиската полициска станица. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 3