Connect with us

Политика

Заев: Барам јавно извинување од Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ инаку ќе поднесам тужба за клевета

Поранешниот премиер Зоран Заев денеска во објава на Фејсбук реагира на, како што вели, континуираните лаги, клевети и навреди, што веќе пет години ги пласира ВМРО-ДПМНЕ и нејзините претставници.

-Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди, пишува Заев во објавата.

Тој јавно бара извинување од пратеникот Бране Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ за, како што вели, сите лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на неговото име во случајот со конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање.

-Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста.
Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа. А без никаква срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции, вели Заев.

Тој посочува дека трпи секојдневни навреди веќе пет години.

-Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но, сега е доста, истакнува Заев.

Тој најави дека доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. -Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име, вели Заев во објавата на Фејсбук.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3