Забава
Холандија врати украдено уметничко дело старо 3.500 години во Египет
Холандските власти вчера официјално ја вратија во Египет скулптурата од пред 3.500 години, која била украдена минатата деценија, а повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и Инспекторатот за културно наследство минатата година потврдија дека скулптурата била украдена и нелегално отстранета од Египет, најверојатно за време на немирите во Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност. Стручњаците веруваат дека артефактот – камена глава, што првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. На него е прикажан ликот на висок големец од владението на фараонот Тутмос III (1479 – 1425 г. пр. н.е.).
- Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го враќаме на вистинската културна заедница или земја на потекло – рече холандскиот министер за култура Гуке Моес додека му го предаваше артефактот на египетскиот амбасадор.
Камената глава е запленета во 2022 година на саем за уметност во холандскиот град Мастрихт. Трговската компанија за древни уметнички дела „Сикомор ејншн арт“, која го стекнала делото, имала сомнежи за неговото потекло, па доброволно го предала по истрагата.
Египетскиот амбасадор Емад Хана рече дека неговата земја ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
- Тоа ни значи многу во однос на туризмот и економијата бидејќи, на крајот на краиштата, кога туристите доаѓаат во Египет да ги видат овие предмети, тоа, дефинитивно, прави разлика – изјави Хана.
Плановите на египетските власти за изложување на скулптурата се сè уште непознати.
февруари 7, 2026

