Connect with us

Општини

Четири општини од Тиквешко со подготовки за Свети Трифун, празникот заштитник на лозарите и винарите

Четири општини од Тиквешко со подготовки за Свети Трифун, празникот заштитник на лозарите и винарите. Од локалните самоуправи Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија најавуваат многубројни настани за достојно одбележување на традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Се верува дека празникот е заштитник на лозјата од мразови, суша, болести и штетници, секаков вид невреме. Со празнувањето на овој празник се верува дека годината за лозарите и винарите ќе биде родна, плодна и бериќетна, ќе се добијат високи и квалитетни приноси од грозје и ќе се произведе квалитетно вино.

Празникот Свети Трифун е ден на лозјето, надежта, велат од средното земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“, кое постои 70-ина години, во изјава за МИА. Од таму потврдуваат дека и годинава продолжуваат со традиционалното одбележување на празникот.

– Во февруари е студено, но во срцата на луѓето тлее надеж. Ова не е обичен ден, ова е денот на свети Трифун, ден кога земјата се благословува, а човекот се потсетува на трудот, верата и љубовта. Луѓето се собираат во лозјето со молитва, со почит и со љубов, како што правеле со векови – истакнуваат од училиштето.

Притоа нагласуваат дека секоја година на овој ден симболично се почнува со работата во лозјата за новата производствена сезона со молитва.

– Лозата е како човекот, ако ја негуваме – ќе роди, ако ја заборавиме – ќе овене. А ја кроиме, или вршиме резидба, за да порасне посилна. Понекогаш мора малку да се отсече за да има повеќе живот. Како што човекот понекогаш мора да остави зад себе лоши мисли за да може да расте со добрина – потенцираат од земјоделското училиште.

Патем, потсетуваат дека за лозарите и за винарите лозата е надеж, нивна радост и нивна сила.

Маркетинг
Ad 2
Ad 1