Connect with us

Свет

Зеленски: Американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е подготвен

Американскиот документ за безбедносни гаранции за Украина е целосно подготвен и Киев чека време и место за негово потпишување, изјави денеска во Вилнус украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„За нас, безбедносните гаранции се, пред сè, безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави. Документот е 100 проценти подготвен и чекаме нашите партнери да го потврдат датумот и местото кога ќе го потпишеме“, изјави Зеленски пред новинарите за време на официјалната посета на Литванија.

Тој додаде дека по потпишувањето, документот ќе биде испратен до американскиот Конгрес и украинскиот Парламент за ратификација.

Зеленски денеска со литванскиот претседател Гитанас Науседа разговараше за поддршката на украинскиот енергетски систем и воената соработка меѓу двете земји.

На состанокот се разговарало и за заедничките одбранбени проекти и предлозите на Литванија за отворање платформа за извоз на оружје во Вилнус. Зеленски, исто така, рече дека го информирал Науседа за состаноците на украинската, американската и руската делегација во Абу Даби.

„Украина, како и секогаш, прави сè што е можно од своја страна за да ја заврши војната“, рече Зеленски.

Претходно тој побара од сојузниците повеќе муниција за противвоздушната одбрана на Украина со цел подобро да се спротивстави на руските напади, што оставија стотици илјади жители на Киев без електрична енергија и греење сред зима.

„Само оваа недела, Русите лансираа повеќе од 1.700 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.380 наведувани бомби и 69 ракети од различни видови. Затоа ракетите за системите за противвоздушна одбрана се потребни секој ден, и ние продолжуваме да соработуваме со САД и Европа за да обезбедиме подобра заштита на нашиот воздушен простор“, рече Зеленски по пристигнувањето во Вилнус, објавија француските медиуми.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1