Connect with us

Свет

„Морган Стенли“: Вештачката интелигенција укинува повеќе работни места во Британија отколку што создава

Велика Британија губи повеќе работни места отколку што создава како резултат на примената на вештачката интелигенција (ВИ) и е посилно погодена од нејзиното влијание во споредба со другите големи економии, покажува денеска објавеното истражување на банката „Морган Стенли“.

Анкетата, која, покрај Велика Британија, ги опфати и Соединетите Американски Држави, Јапонија, Германија и Австралија, покажала дека падот на вработеноста во британските компании во изминатите 12 месеци изнесувал осум отсто – највисоко ниво меѓу анализираните земји, пренесува весникот „Гардијан“.

Истражувањето било спроведено меѓу компании што користат вештачка интелигенција најмалку една година во пет сектори – малопродажба, недвижности, транспорт, медицинска опрема и автомобилска индустрија. Резултатите покажуваат дека британските компании бележат просечен раст на продуктивноста од 11,5 отсто благодарение на ВИ.

Сличен раст на продуктивноста пријавиле и американските компании, но за разлика од британските, тие во истиот период вработувале повеќе работници отколку што отпуштале.

Повеќе од една четвртина од британските работници изразиле загриженост дека нивните работни места целосно би можеле да исчезнат во следните пет години поради вештачката интелигенција, покажува одделно истражување на меѓународната агенција за вработување „Рандстад“.

Најзагрижени се помладите работници, особено припадниците на генерацијата З (Зет), кои се на возраст до 29 години, кои стравуваат од влијанието на вештачката интелигенција и од сопствената способност за приспособување. Наспроти нив, бумерите, родени во периодот меѓу 1946 и 1964 година и кои се на крајот од својата работна кариера, покажале поголема самодоверба.

Компаниите опфатени со анкетата на „Морган Стенли“ соопштиле дека најмногу се изложени на ризик од отпуштање работниците со две до пет години работно искуство, кои се наоѓаат на почетокот или во раната фаза од својата кариера.

Претходно овој месец, градоначалникот на Лондон, Садик Кан, предупреди дека вештачката интелигенција би можела да уништи значителен дел од работните места во британската престолнина и да доведе до „нова ера на масовна невработеност“.

Маркетинг
Ad 4
Ad 3