Connect with us

Култура

Љутков на средба со генералниот секретар на UNWTO – нов импулс за развој на туризмот во Македонија

 Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја предводи македонската делегација во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, вчера во Мадрид оствари средба со Шаика ал Новаис, генерален секретар на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO). Како што информира Министерството за култура и туризам, на средбата биле  разгледани можностите за унапредување на соработката и поддршката во процесот на одржлив туристички развој.

– Министерот Љутков упати честитки до Ал Новаис по повод нејзиниот избор за генерален секретар нагласувајќи ја клучната улога на UNWTO во промовирањето на туризмот како двигател на одржлив развој, економски раст и меѓународна соработка, особено во услови на глобални предизвици за туристичкиот сектор. Тој истакна дека Владата стратешки го препозна туризмот како значаен економски сектор, што резултира со негово вклучување во Министерството за култура, со цел воспоставување системски пристап и поефикасно управување со туристичките политики. Во таа насока, министерот информира дека се работи на подготовка на нова стратегија за туризам како клучен документ за понатамошен развој на секторот – соопшти Министерството за култура и туризам. 

На средбата се разговарало за улогата на туризмот во рамномерниот регионален развој, валоризацијата и заштитата на културното наследство, развојот на руралните подрачја и зголемувањето на конкурентноста на туристичката понуда.

– Посебен акцент беше ставен на потребата од системско евидентирање на туристичките ресурси и воведување индикатори за мерење на туристичкиот потенцијал по региони. Беше нагласено и значењето на полноправното членство на Македонија во UNWTO, како и можноста експерти на Организацијата да се вклучат во процесите на едукација и јакнење на кадарот во туризмот за да се подобрат квалитетот и професионалноста во секторот. Средбата беше оценета како значајна основа за понатамошно продлабочување на соработката помеѓу Македонија и UNWTO во наредниот период – се наведува во соопштението. 

Претходно, министерот Љутков оствари работна средба и со Фуад Нагхиев, директор на Државната агенција за туризам на Азербејџан. На средбата била изразена подготвеност за продлабочување на соработката во туризмот како продолжение на разговорите почнати на конференцијата КОП29 во Баку.

– Беа разгледани можностите за отворање нов туристички пазар, потпишување меморандум за разбирање, организирање B2B-средби и промоција на туристичката понуда на Македонија, со акцент на културен, верски, еногастро и активен туризам – информира Министерството за култура и туризам. 

Во рамките на посетата министерот Љутков денеска ќе присуствува на свеченото отворање на меѓународниот саем на туризам FITUR 2026, на кое ќе присуствуваат кралот и кралицата на Шпанија, Фелипе VI и Летиција.

– Активностите во рамките на меѓународниот саем на туризам FITUR 2026 ја потврдуваат определбата на Министерството за култура и туризам за интензивна меѓународна соработка, зајакнување на институционалните капацитети и позиционирање на Македонија како атрактивна, конкурентна и одржлива туристичка дестинација во текот на целата година – стои во соопштението.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4