Свет
Данците со помош на апликации ги бојкотираат американските производи во супермаркетите
Гневот во Данска поради спорот со САД во врска со Гренланд се шири и во супермаркетите, при што некои потрошувачи избираат да ги бојкотираат американските производи, јави ДПА.
Стоките од САД сè повеќе се изоставуваат од списоците за купување, а новите апликации за паметни телефони им овозможуваат на купувачите да скенираат прехранбени производи за да го проверат нивното потекло. Таква апликација е и „Уден УСА“ (UdenUSA – „Без САД“). Ја развиле 21-годишниот Јонас Пипер од Данска и неговиот пријател Малте Хенсберг, чија замисла го доби својот облик лани кога американскиот претседател Доналд Трамп првпат сериозно се закани дека ќе ја преземе контролата во голема мера врз автономната арктичка територија Гренланд, која, сепак, е под врховна власт на Кралството Данска.
Бран протести во Данска во тоа време доведоа до создавање фејсбук-група посветена на бојкот на стоките од САД. Групата сега има повеќе од 100.000 члена во држава со околу шест милиони луѓе.
Пипер за ДПА изјави дека многу потрошувачи сакаат да престанат да купуваат храна од САД, но честопати им е тешко да го идентификуваат потеклото на производите во супермаркет. Според него, апликацијата има цел да го реши тоа со означување на земјата на потекло и предлага алтернативи од европски производители.
До денеска „Уден УСА“ се рангира на првото место меѓу бесплатните апликации во „Ап стор“ (App Store) во Данска.
Целокупното влијание на бојкотот останува неизвесно. Економијата на Данска е релативно мала и само ограничен број прехранбени производи се увезуваат директно од САД. Дури и ако значителен број потрошувачи избегнуваат американски стоки, ова веројатно нема да резултира со значајни економски или политички последици, според Саша Рајтел, професор по маркетинг на германскиот Слободен универзитет во Берлин.
јануари 22, 2026


