Политика
Средба Симонофски – Костофски: Заедно можеме да изградиме посилна и повидлива македонска заедница
Претседателката на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија”, Елена Симонофски денеска се сретна со Марјана Костофски, член на Комитетот за национални малцинства, како претставник на македонското малцинство во овој орган на албанската влада. На средбата, како што информира Симонофски, се разговораше за прашања што ги засегаат македонскиот заеднички живот, предизвиците и можностите.
-Разговаравме за потребата уште погласно и достоинствено да го афирмираме и зајакнеме нашиот македонски идентитет, за важноста од зачувување на јазикот, културата и традицијата, како и за заедничката желба и обврска да се организираат што повеќе културни, уметнички и општествени активности. Преку нив, со гордост ќе го промовираме нашиот македонски дух, нашите вредности и нашето богато наследство, посочи Симонофски.
Според неа, оваа средба е уште еден потсетник дека „кога постои искрена волја, дијалог и заедништво, може да се изградиме посилна и повидлива заедница”.
-Верувам дека ваквите разговори се темел за идни соработки, нови иницијативи и конкретни чекори во интерес на македонската заедница. Заедно продолжуваме напред – со љубов, гордост и одговорност кон нашите македонски корени, нагласи претседателката на „ВМРО ДПМНЕ Албанија”, Елена Симонофски.
Здружението беше формирано и регистрирано во судскиот регистар во Тирана во почетокот на септември минатата година.
Целта на оваа нова асоцијација на Македонците е да ги обедини сите Македонци во Албанија, без разлика на местото, улогата или политичката и верска припадност, или како што за МИА изјави Симонофски, тоа е „дом за сите кои ја носат Македонија во своето срце”.
јануари 10, 2026


