Connect with us

Регион

Грчките земјоделци на средбата со Мицотакис ќе ги покренат сите прашања и проблеми со кои се соочуваат

Новата покана од владиниот портпарол Павлос Маринакис до земјоделците за средба со грчкиот премиер, се чини дека е позитивно оценета од земјоделците, кои веројатно ќе ја прифатат и во вторник ќе се сретнат со Мицотакис во премиерската палата, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Маринакис посочи дека Владата продолжува да се залага за дијалог со земјоделците, но нема простор за дополнителни мерки, а неколку часа подоцна, во интервју за информативниот портал „Њузбомб“, упати уште една покана за средба, но овој пат со конкретен датум и уште еднаш нагласи дека е потребно да се исполнат два основи предуслови за да се оствари состанокот.

– Упатувам уште една покана до земјоделците во вторник (13 јануари), кога премиерот ќе биде во својот кабинет, да се сретнат, под два јасни услови: прво, составот на делегацијата да биде пропорционален, односно да бидат застапени сите блокови, бидејќи за да се најде решение за ова прашање мора да бидат претставени сите. И вториот предуслов е дијалогот да се одржи со отворени патишта, затоа што со активни блокади не може да се води дијалог, нагласи Маринакис за грчкиот портал.

Земјоделците од различни блокови низ целата земја, говорејќи за грчките медиуми, начелно позитивно ја оценија поканата за средба, меѓутоа веројатно тракторите ќе останат паркирани на коловозните ленти додека трае дијалогот со Владата, без при тоа да се блокира сообраќајот.

Се очекува во текот на викендот, земјоделците од цела Грција да одржат нов состанок во пресрет на евентуалната средба со Мицотакис.

Останува отворено прашањето дали во текот на утрешниот ден ќе продолжат со 48-часовната блокада што ја започнаа утрово.

Грчката Влада вчера детално ги објасни мерките за поддршка на земјоделците, вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка, но земјоделците изразија незадоволство.

Протестите на земјоделците во Грција траат веќе 40 дена, а претпладнево започнаа 48-часовната блокада, односно блокирана е целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини. 

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 2