Општини
Струмица го одбележа Денот на заштитниците на градот
Со свечена седница на Советот на Општина Струмица заврши одбележувањето на Денот на заштитниците на градот-Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици.
За значењето на овој ден на седницата говореше градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
– Нема град што расте ако нема корен. А нашиот корен е токму тука: во подвигот на светителите. Во нивната непокорна љубов кон доброто. Во нивната неисплашена смелост пред неправдата. Денес, и кога улиците ни се полни со светла, и кога градот расте и се развива знаеме дека под тие светла гори и едно друго светло, нешто постаро, нешто посилно, светлото од тивериополските кандила. И навистина, се чувствува мирот над Струмица. Денес, над нашиот град има благослов. За да чекориме сигурно напред, мора да се ослободиме од сопствените сенки. Мора да престанеме да ја храниме нашата суета, да престанеме да се мериме по тоа кој е погласен, кој е повиден, кој е прв. Зашто силата на заедницата секогаш била поголема од силата на индивидуата, рече градоначалникот Јанков.
На свечената седница традиционално беа доделени годишните награди и наградата за животно дело “Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици”.
Наградата за животно дело ја добија браќата Миле и Георги Барбаровски за особен придонес во областа на културата и уметноста. Во име на наградените се обрати Георги Барбаровски, кој истакна дека Општина Струмица ги почестила и овенчала со големо признание.
-Големо е затоа што ги носи имињата на петнаесетте Тивериополски свештеномаченици. Луѓе од кои почнува да тече верата на овие балкански простори. Не знае човек каде се посилни-дали во проповедите или во чинот на загинувањето на петнаесетте великомаченици, истакна Барбаровски.
Годишната награда ја добија Хуманитарното здружение „Дијаконија“ за особен придонес во општествената и хумамнитарната дејност, Кристина Зимбакова со придонес во уметноста, Карневалското здружение „Струма“ за особен придонес во уметноста и културата, „Серафимов ГРУП ДООЕЛ“ за придонес во техничката култура, УЈП-Регионална дирекција Струмица за особен придонес во воспитниот и образовниот процес, кроводарителот Динчо Стојанов, кој има дарувано крв повеќе од 100 пати и актерот Кољо Черкезов за придонес во областа на културата.
На денешната свечена седница присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, директорката на Комисијата за односи со верските заедници, Оливера Трајковска, пратеници, црковни великодостојници и претставници на дипломатскиот кор.
декември 12, 2025


