Скопје
Прва регионална конференција за заштита од пожари во Скопје: Заеднички напори за поголема безбедност и стандарди
Поттикнување на поголема безбедност во градежништвото, подобрување на примената и контролата на мерките за заштита од пожари и интензивирање на соработката меѓу инженерската фела и државните институции се целите на Првата регионална конференција за заштита од пожари, што денеска се одржа во Скопје во организација на SFPE North Macedonia – Здружение на инженери за заштита од пожари. На конференцијата учествуваа експерти, професори, компании и институции од 23 земји.
Претседателката на SFPE North Macedonia, Тања Василевиќ Владев, истакна дека знаењето е најмоќната алатка за справување со предизвиците во конструкцијата на градбите и за градење отпорност. Таа нагласи дека конференцијата е доказ за релевантноста на полето и потребата од континуирана работа на заштита од пожари.
– Ова е само почеток. Нашата визија е да изградиме мостови меѓу различни дисциплини и генерации, да поттикнеме истражување и да обезбедиме поголема безбедност за сите, порача Василевиќ Владев.

Заменик-директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Кашмир Салиу, пак, во своето обраќање нагласи дека безбедноста не е трошок, туку инвестиција во животот и иднината.
– Нашата заедничка цел е многу јасна, да ја унапредиме безбедноста на објектите, да ја подобриме превенцијата и да го намалиме ризикот од пожари кои можат да доведат до несакани и трагични последици. Брзиот технолошки развој и современите материјали носат нови предизвици со кои мораме да се соочиме. Дирекцијата останува целосно посветена на оваа мисија, истакна Салиу.
Своја порака упати и Биргите Месершмит, директорка за истражување во NFPA (National Fire Protection Association), која ја нагласи глобалната важност на стандардизацијата и истражувањето во областа на заштита од пожари.
– Нашата мисија е да спасуваме животи преку информации, знаење и посветеност. Секој од вас може да учествува во процесите на стандардизација и да придонесе за унапредување на стандардите. Безбедноста е заедничка одговорност и бара ангажман на целата заедница, порача Месершмит.
Говорниците констатираа дека катастрофите и заштитата од пожари бараат заеднички пристап и интегрирана соработка меѓу инженерите, креаторите на политики, академската заедница и практичарите. Конференцијата потврди дека безбедноста не е само техничка, туку и морална и општествена одговорност. Потврдија дека секоја спасена зграда, секоја заштитена заедница и секој спасен живот се доказ за посветеноста и колективните напори.
декември 4, 2025

