Connect with us

Свет

Вкупно 235 прекугранични енергетски проекти во Европа ќе добијат статус на проекти од заеднички или взаемен интерес

Европската комисија денеска донесе одлука да прогласи 235 прекугранични енергетски проекти ширум Европа за „Проекти од заеднички интерес“ (ПЦИ) или „Проекти од взаемен интерес“ (ПМИ), соопшти портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување и транспорт Ана-Кајза Итконен.

– Денеска дадовме голем поттик на европската енергетска поврзаност. Оваа листа содржи проекти поврзани со електричната енергија и водородот, мрежата за јаглерод диоксид и за паметни гасни мрежи, истакна Итконен на денешната прес-конференција во Еврокомисијата.

Предложената листа на „Проекти од заеднички интерес“ (ПЦИ) и „Проекти од взаемен интерес“ (ПМИ), ЕК сега ќе ја достави до Европскиот парламент и Советот на ЕУ, кои ќе имаат два месеци да ја прифатат или отфрлат во целост, но не можат да ја менуваат. На нивно барање, рокот за разгледување на листата може да биде продолжен за уште два месеци.

Итконен нагласи дека избраните проекти ќе можат да аплицираат за финансирање од ЕУ преку Инструментот „Поврзување на Европа“ и целиот процес на издавање дозволи и административна регулација ќе оди забрзано.

– Овие проекти ќе ја зајакнат нашата енергетска поврзаност низ целиот континент и ќе ни помогнат да ја комплетираме Енергетската унија. Тие можат да играат стратешка улога во зголемувањето на конкурентноста на ЕУ, декарбонизацијата, како и во подобрувањето на нашата енергетска безбедност и енергетска независност, додаде Итконен.

Листата опфаќа 113 проекти за електрична енергија, 100 за водород, 17 за инфраструктура за транспорт на јаглерод, три за паметни гасни мрежи и по еден за поврзување на Малта и Кипар со гасната мрежа на континенталниот дел од Европа.

Меѓу избраните електроенергетските „проекти од взаемен интерес“ од регионот се засилувањето за интерконекторите „Панонски коридор“ помеѓу српскиот град Суботица и унгарскиот Шандорфалва и конекторот ГРЕГИ помеѓу Египет и Грција, зајакнувањето на интерконекцијата на „Централниот балкански коридор“ помеѓу Бобов Дол во Бугарија и Лесковац во Србија и изградбата на втора интерконекција помеѓу Италија и Црна Гора.

Според проценките на Комисијата, во периодот од 2024 до 2040 година инвестициите во европската енергетска инфраструктура ќе достигнат близу 1.500 милијарди евра, па нејзината денешна улога ќе придонесе за поттикнување и поддршка на овие инвестициски проекти. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4