Вести
Средба на министерот Муртезани со Ана-Марија Бура од Европскиот совет
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани во рамки на работната посета на Брисел, утрово остварил средба со Ана-Марија Бура, главен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Европскиот совет, задолжена за координација на надворешните политики и агендата за надворешни работи на ЕУ.
Како што соопшти Министерството за европски прашања (МЕП), на средбата биле разменети мислења за актуелната состојба и динамиката на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, како и за пошироките геополитички околности и улогата на политиката на проширување во одржувањето на стабилноста и просперитетот во регионот.
-Министерот Муртезани ја истакна заложбата на Владата за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, вклучително и во контекст на руската воена агресија врз Украина, како потврда на стратешката определба на земјата за членство во ЕУ и нејзината улога како доверлив партнер. Тој се осврна и на напредокот во реализацијата на Реформската агенда и Планот за раст, како и на имплементацијата на патоказите за јавна администрација, владеење на правото, малцинства и странски инвестиции, кои претставуваат основа за продолжување на пристапниот процес и искористување на финансиските инструменти на Унијата, информира МЕП.
Во соопштението се наведува дека „Бура го поздрави напредокот на Северна Македонија во исполнувањето на обврските од процесот на пристапување и беше изразена подготвеност за натамошна поддршка од страна на институциите на ЕУ во спроведувањето на реформите и користењето на можностите што ги нуди новиот План за раст за Западен Балкан.“
-Двете страни се согласија дека континуираниот политички дијалог и конструктивниот пристап се клучни за одржување на позитивната динамика и за забрзување на европската интеграција на Северна Македонија, соопшти МЕП.
декември 2, 2025

