Скопје
Потпишан Меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода и „Кинотека“
Меморандум за соработка е потпишан денеска, од страна на градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска и директорот на „Кинотека“, Бошко Грујоски.
Како што попладнево информираа од Општина Кисела Вода, меморандумот има за цел унапредување и збогатување на културниот живот во општината, преку реализација на заеднички проекти, што ќе овозможат поголема достапност на културни простори, промоција на филмската уметност и организација на разновидни културни содржини.
– Во рамки на соработката, жителите ќе имаат можност да присуствуваат на бесплатни филмски проекции, презентации и на други настани што ќе придонесат за подинамичен и поквалитетен културен живот на локално ниво, истакнаа од локалната самоуправа.
Според градоначалничката, со потпишувањето на овој меморандум, се потврдува нивната посветеност кон културното збогатување на општината.
– Соработката со „Кинотеката“ ќе овозможи уметноста и културата да бидат подостапни за сите жители на Кисела Вода, ќе создаде нови можности за културни случувања и ќе ја поттикне љубовта кон филмот и уметноста. Ваквите заеднички проекти ја градат културната сцена и го зацврстуваат идниот развој на локалната култура, се наведува во пишаната изјава на Стаменкоска Трајкоска.
декември 2, 2025

