Connect with us

Сервисни информации

ЈПДП: Создаваме услови за непречен проток на сообраќајот кај Бигорскиот манастир

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП)  реализираше проект за санација на потпорниот ѕид и заштита на регионалниот пат Р1202 во близина на Бигорскиот манастир, со што, како што информира претпријатието, значително се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

– Овој проект има за цел да обезбеди стабилност на патната инфраструктура и да овозможи непречен проток на возила на една од најфреквентните туристички локации во регионот. Покрај санацијата на потпорниот ѕид, изграден е и нов паркинг простор наменет за патниците намерници и туристите кои го посетуваат ова значајно македонско светилиште. Со тоа се решава долгогодишниот проблем со паркирањето и се подобрува пристапот на посетителите до манастирот,  информира ЈПДП, во објава на својата Фејсбук страница.

Градежните активности започнаа минатата година и опфатија: расчистување на трасата од грмушки и дрвја, машински ископ и изработка на насип, поставување тампонски слој од дробен камен, поставување нови рабници и метална пешачка ограда за мост, асфалтирање на коловозната површина и обележување со патарска рефлектирачка боја за зголемена видливост и безбедност.

Вкупната вредност на проектот изнесува 569.591 евра, што според ЈПДП, претставува значајна инвестиција во подобрување на патната инфраструктура и туристичката понуда во регионот.

Изведувач на работите беше ЕСКАВАТОРИ-МК ДООЕЛ увоз-извоз, Скопје, а надзорот го вршеше ГЕИНГ ДОО Скопје.

– Со реализацијата на овој проект, се создаваат услови за безбеден и непречен сообраќај, а истовремено се поттикнува развојот на туризмот и зачувувањето на културното наследство на Македонија, се наведува во информацијата од ЈПДП.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4