Вести
Јаневска: Сојузништвото меѓу наставниците, родителите и заедницата е клучно за развој на просперитетни генерации со емпатија и критичко размислување
Наставниците се вистински магионичари-не само во однос на знаењето што го пренесуваат, туку и во обликувањето на карактерот и развојот на децата во целина. Тие ги поттикнуваат да размислуваат храбро, да се водат од вредности и да се подготвуваат за свет полн со предизвици. Но, за да успеат неопходна е поддршка и соработка со семејствата и заедницата.
Ова беше истакнато на денешната панел-дискусија „Магијата на создавање храбри, мислечки и сочувствителни личности“ во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука, која се одржа во Струмица.
Наставници, родители и стручни лица разменуваа идеи, добри практики и искуства за тоа како од најмала возраст да се создадат услови за поттикнување на детскиот развој во целина.
Во првиот дел од панел-дискусијата учествуваа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, Ана Витанова-Рингачева, вонреден професор на катедрата за македонски јазик и литература на Филолошки факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ од Штип и Стојне Митева, психолог и гешталт терапевт при ООУ „Маршал Тито“ од струмичко Муртино.
Министерката Јаневска посочи дека токму наставниците имаат клучно влијание во развојот на децата и порача дека нивната улога е да го поттикнат потенцијалот и да им помогнат на младите да станат храбри, мислечки и сочувствителни личности.
– Кога наставникот ќе му даде на детето простор да се изрази, да прашува и да истражува, тогаш се случува вистинската магија, тогаш растеме генерации кои веруваат во себе и во моќта на знаењето. Кампањава ја спроведуваме за наставниците, но сакаме да допреме и до родителите и до учениците и до градоначалниците и до целото општество за да сите заедно ги поддржиме како најсилна алка во образовниот процес.Образовниот систем има многу компоненти, но најсилната, највредната алка која придонесува се наставниците. Оттука Министерството постојано ќе стои зад нив, ќе ги слуша нивните барања, нивните приговори, дури ако има и нивни добро коментари за она што го работиме за да можеме со помош на базата да креираме добри политики во иднина. Порака до наставниците: Министерството и Општината се секогаш отворени за нив. Ние им стоиме на располагање, а со оваа кампања се обидуваме да придонесеме сите заедно за подобра иднина на нашата земја, истакна министерката.
Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, во изјавата за медиумите истакна дека младите, нивните визиии и работа треба да ги градат просветните работници.
– Тие стојат позади нив и ги насочуваат во кој правец треба да се движат-и тие и општеството. Општина Струмица секогаш ги поддржува ваквите иницијативи и вакви кампањи. Нека ова кампања не биде само настан, туку поттик и поддршка на просветните работници и да имаат јасна визија дека општината секогаш стои позади нив, рече Јанков.
Според професорката Ана Витанова Рингачева, не може да се изгради совршено образование, но мора да се размислува да се прави образование кое ќе продуцира
квалитетни кадри, кои кога ќе се позицинираат професионално на работните места да ја работат работата за којашто се навистина стручни и имаат знаење.
Во вториот дел на панелот свои искуства и мислења споделија Трајче Бјадов, наставник по македонски јазик при ООУ „Герас Цунев“ – Просениково, Струмица, Архелос Туранов, директор при ДСУ РЦСОО „Никола Карев“ од Струмица и Мери Доневска Костуранова, родител и претседател на Совет на родители при СОУ „Јане Сандански“.
Сите беа согласни дека развојот на критичко размислување, храброст и сочувствителност од најмала возраст се клучни во градењето на личноста и истакнаа дека тие не се создаваат преку едно предавање, туку преку секојдневна, внимателна поддршка од наставниците и родителите.
Според учесниците, денешниот панел потврди дека кога знаењето и посветеноста на наставниците се комбинираат со поддршка од заедницата и родителите, се создава силна основа за иднината, односно за генерации кои се самоуверени, со способност за критичко размислување и емпатични.
Панелот се реализираше во рамки на националната кампања „Магијата е во знаењето“, посветена на препознавање и поддршка на наставничката професија како движечка сила на општествениот напредок.
декември 1, 2025

